Времен режим на сообраќај ќе биде воведен утре за време на одржувањето на главниот настан односно трките од седмото издание на „Охрид трчаТ“. Оваа година по една од најубавите патеки во светот ќе трчаат 1930 тркачи од 28 држави велат организатори.

Охрид како туристички град ќе имате можност за време на целиот викенд да го видите во едно поинакво светло со многу позитивна енергија. Ве повикуваме да бидете дел од нашата визија и заедно да покажеме почит и разбирање кон сите оние кои одлучиле да дојдат во Охрид да трчаат и уживаат во неговите убавини. Ве молиме да имате разбирање и да го почитувате времениот сообраќаен режим. Станува збор за едно утро, односно за најмногу 3,5 часа, потенцираат.

Воедно упатуваат молба до сопствениците на возилаистите да ги паркираат на соодветно место, од каде ќе можат да ги користат доколку имаат потреба во тој период и да ги почитуваат насоките на редарите, волонтерите, судиите, сообраќајната полиција и поставената сигнализација.

За време на манифестацијата, во периодот од 8 до 11:30 часот ќе бидат затворени за сообраќај улиците „Кеј Македонија“, „Македонски Просветители“, „Партизанска“, „Јане Сандански“, „Димитар Влахов“, „Туристичка“, „Абас Емин“, „Кирил и Методиј“, „Илинденска“, „Коста Абраш“, „Св. Наум Охридски“ и патека Студенчишта.

Како алтернативни паркинг простори организаторите на настанот ги посочуваат паркингот кај Горна Порта, позади Центарот за култура „Григор Прличев“, како и просторот кај поранешниот спортски полигон.

Ве молиме вашите возила да ги паркирате на соодветните места пред утрото на 4 јуни бидејќи во спротивно, доколку истото не е паркирано согласно сообраќајните насоки и препораки ќе бидеме приморани да го дислоцираме во сорабтока со сообраќајната полиција и пајак службата при ЈП „Охридски Комуналец“, додаваат организаторите.

Инаку, главниот настан на седмото издание на Охрид трчаТ ќе се одржи утре кога се предвидени трите трки на 21К, 5К и штафетниот полумаратон. Стартот на трките е во 8 и 30 мин на 21К и штафетниот полумаратотн, додека трката на 5К е пет минути подоцна.

OhridNews