Времен режим на сообраќај ќе биде воведен на 2 јуни за време на одржувањето на главниот настан односно трките од 5К, 21К и 21К Relay од осмото издание на „Охрид трчаТ“. Улиците на Охрид ќе бидат исполнети со тркачи кои ќе ја имаат честа да трчаат по една од најубавите патеки во светот, велат организаторите.
Охрид, како туристички град, ќе имате можност за време на целиот викенд да го видите во едно поинакво светло со многу позитивна енергија, исполнет со над 2200 тркачи од 31 држава од светот. Ве повикуваме да бидете дел од нашата визија и заедно да покажеме почит и разбирање, кон сите оние, кои одлучиле да дојдат во Охрид да трчаат и уживаат во неговите убавини. Ве молиме да имате разбирање и да го почитувате времениот сообраќаен режим. Станува збор за едно утро, односно за најмногу 3 до 4 часа, потенцираат.
Воедно упатуваат молба до сопствениците на возила да ги паркираат на соодветно место, од каде ќе може да ги користат доколку имаат потреба во тој период и да ги почитуваат насоките на редарите, волонтерите, судиите, сообраќајната полиција и поставената сигнализација.
За време на манифестацијата ќе биде затворени за сообраќај улиците: „Кеј Македонија“, „Македонски Просветители“, „Партизанска“, „Јане Сандански“, „Димитар Влахов“, „Македонски Просветители“, „Туристичка“, „Абас Емин“, „Кирил и Методиј“, „Илинденска“, „Коста Абраш“, патека Студенчишта и „Св. Наум Охридски“.
Како алтернативни паркинг простори организаторите на настанот ги посочуваат паркингот кај Горна Порта, паркингот позади Центар за култура „Григор Прличев“ и просторот за паркирање кај поранешниот спортски полигон.
Ве молиме Вашите возила да ги паркирате на соодветните места пред утрото на 02 јуни 2024 бидејќи во спротивно, доколку истото не е паркирано согласно сообраќајните насоки и препораки ќе бидеме приморани Вашето возило да го дислоцираме во соработка со сообраќајната полиција и пајак службата при ЈП “Билјанини Извори”, додаваат организаторите.
Стартот на трката на 21К е во 8:15 часот, додека на 5К е во 9 часот.
OhridNews