Најверојатно вака идните антрополози ќе го опишат периодот на севкупниот морален пад на “Православниот Ерусалим” и “градот со најдолг облик на урбано живеење”- Охрид.

“… роди чу ти сина, кралја кокаина …” – тоа е слоганот, тоа е мотото, тоа се моралните императиви што веќе деценија наназад  го креираат охридското секојдневие од најелитните градски простори и плоштади а ѕверското убиство на ГОСТИН на еден таков урбан простор е НАЈГНАСНИОТ ЧИН на сеопштата деградација.

Плоштадите, просторот кој што отсекогаш претставувал ПРОСТОР НА АКЦИЈА И ИНТЕРАКЦИЈА на граѓанинот, ПРОСТОР ЗА ЗАДОВОЛСТВО И АКТИВНА ПОВРЗАНОСТ СО ДРУГИТЕ, СО СОГРАЃАНИНОТ, ДРУГИОТ ЧОВЕК, БИТИЕ, СУШТЕСТВО, УРБАНИОТ ДУХ.. Оттука и големата привлечност и огромната важност на овие јавни простори во сите епохи во сите цивилизации. Овој простор секогаш МУ ПРИПАЃАЛ НА ГРАЃАНИНОТ. За жал, нашиот плоштад веќе одамна им припаѓа на ДРУГИ.

Она што секако е најинтересно за анализа е ОДНОСОТ НА ИНТЕЛЕКТУАЛЦИТЕ како категорија на граѓани кои што отсекогаш биле најповикани за креирање и интерпретација на цели општествени епохи, нивното филозофско осмислување на постоечките вредности и нивната борба за одржување на истите.

Економската криза го промени социјалниот статус и улогата на “интелектуалците”. Повеќето од нив, под притисок на процесите на општо осиромашување ги доведе од состојба на средна класа, на работ на сиромаштија. Самиот тој факт битно влијае на нивниот вредносен систем, мотивацијата за работа, професионално однесување а уште повеќе на нивната СОЦИЈАЛНА УЛОГА во зачувувањето и развојот на граѓанските вредности. Што прават, како се однесуваат и што може да се очекува од охридските “кризни” интелектуалци, денес, утре???. Можат ли тие (научници, професори, новинари, архитекти, верски и други интелектуалци) да помогнат во барањето на излез од овие негативни процеси??

Без никаков сомнеж, овие деструктивни процеси и кризата воопшто, спознајно и егзистенцијално ги изненади голем дел од интелектуалците. Од друга страна, тоа воопшто не ја менува вистината дека голем број од нив во текот на овие петнаесет транзициски години НЕКРИТИЧКИ ПРИСТАПИЈА КОН ПОЛИТИЧКО – ПАРТИСКИ УТОПИИ заради кои единствено во Македонија говориме за “ИНТЕЛЕКТУАЛНИОТ  МОЛК” или “МОЛКОТ НА ИНТЕЛЕКТУАЛЦИТЕ”.

Оваа ерозија на интелектуалниот ангажман е посебно страшна во град како што е Охрид, град кој што претендира да претставува културен, туристички и верски центар. Скептиците секако дека ќе бараат емпириски докази за ваквото мое тврдење: Интелектуалната продукција е драматично намалена – бројот на објавени и отпечатени книги на наши интелектуалци, бројот на снимени филмови, бројот на театарски претстави, бројот на концерти со врвни уметници, бројот на кино претстави … Вистината е дека СЕ ПОВЕЌЕ СЕ ЌУТИ ЗА НЕКОИ ЗАБРАНЕТИ ТЕМИ ВО ГРАДОТ. Има ли објаснување за овој МОЛК?

Првиот облик на молк можеме да го окарактеризираме како СМИСЛЕН, РАЦИОНАЛЕН МОЛК. Во време на интелектуално безвластие, во – како што би рекол Крлежа – глувонемо доба, ќутењето е многу поречито и поефикасно од зборовите, звуците облиците и мислите. Ако сте како интелектуалец, опкружени со политички догми, милитантни малоумници, полуписмени транзициони богаташи и моќници, репресивен и авторитарен однос на државни институции, разумно е да се молчи. ЗА ДА ПРЕЖИВЕЕТЕ ИЛИ ПРЕКУ МОЛК ДА ГО ИЗРАЗИТЕ СВОЈОТ СТАВ И ПРЕЗИР.

Вториот облик на молк е МОЛК ЗАРАДИ НЕМОЌ И ОЧАЈ, очај заради ПРАЗНИНАТА ВО СЕБЕ И ОКОЛУ СЕБЕ. Во општество во кое што СЕ ПОМАЛКУ СЕ ЗНАЕ, УЧИ, ЧИТА, ИСТРАЖУВА, а се повеќе се манипулира, поткупува, краде, узурпира, ЗБОРОВИТЕ СЕ ПРАЗНИ И ИЗЛИЖАНИ, НЕПОТРЕБНИ.

Третиот облик на молк е ПРОСТОДУШЕН СТРАВ ОД РЕПРЕСИЈА  И ОДМАЗДА  НА МОЌНИЦИТЕ.

Резултатот е масовното повлекување на интелектуалците и граѓаните во еден вид на СУРОГАТНА “ЈАВНОСТ”, трачеви и вицови по семејните слави и седенки. Дури и кафеаните или меаните (ако воопшто во Охрид и има такво нешто) кои што претставуваа слободен интелектуален простор, веќе се опасни места за јавно изнесување на ставови. Кризните времиња пак од своја страна со себе донесоа “специфична клима” и во културата, на која што немоќно предадени се прилагодуваме и навикнуваме. Денеска на пример во Охрид таа клима е обележена со чуден скоро невозможен спој на инерција и бесмисла на вистинските културни вредности на една страна – и невротично – масовна психолошка, турбо-фолкерска испразнетост на друга страна. На кој начин граѓанинот интелектуалец може да учествува во овој МАСОВЕН НИХИЛИСТИЧКО-ПАЛАНЕЧКИ ТРАНС??? Нажалост, се чини така што тој немо се приклонува кон “новите ветришта” и кон новите “чопори”- локални, национални, политички, финансиски или било какви други. Тој буквално секојдневно се привикнува и станува дел од еден образец на однесување во кој што е сосема можно да не може да спие од турбо-фолкерско лелекање на “НЕГОВИОТ” ПЛОШТАД, на узурпацијата на “НЕГОВИОТ” ЈАВЕН ПРОСТОР, на БЕКАТОНИЗАЦИЈАТА НА “НЕГОВИТЕ” НАЈУБАВИ ЕЗЕРСКИ ПЛАЖИ, на неподносливоста на СТУПИДНИТЕ РИТМОВИ НА ОЗВУЧУВАЊАТА НА ЕЗЕРСКИТЕ ПЛАЖИ, на ЅВЕРСКИТЕ  ЕГЗЕКУЦИИ НА  ГОСТИ  ВО “НЕГОВИОТ” ГРАД, ДОМ… После се, како пациенти на смртна постела, сепак треба да разбереме дека единствена или барем конечна смисла на нашата егзистенција е ЧОВЕЧКАТА СРЕЌА и дека неа не ја носи ниту политичкиот систем ниту политичката партија најмалку уништувањето на нашата околина – урбана, природна, социјална.

Време е да започнеме продуктивно да соработуваме во барањето “излез од состојбата”, потребно е да се создаде сосема нова, продуктивна индивидуалистичка клима во градот. Дури тогаш ќе биде возможно како граѓани ЈАВНО ДА ДЕЛУВАМЕ ОД ПОЗИЦИЈА КОЈА БИ СОДРЖЕЛА ОПШТ БАЛАНС  ПОМЕЃУ РАЗЛИЧНИТЕ ИДЕОЛОГИИ И ГРАЃАНСКИОТ КОНЦЕПТ, РАЗУМОТ И ЕМОЦИИТЕ, ДЕМОКРАТИЈАТА  И ДИСЦИПЛИНАТА, ИНТЕРЕСИТЕ НА ПОЕДИНЦИТЕ И ИНТЕРЕСОТ НА ЗАЕДНИЦАТА.

ВРЕМЕ Е ЗА ГРАЃАНСКИ ГЕРИЛСКИ ОТПОР НАСПРОТИ ДЕГРАДАЦИЈАТА.

Горан Мицкоски