Се пoизвесно е дека Охридскиот регион, единственото подрачје во државата под заштита на УНЕСКО, може да заврши на листата на светски наследства во опасност. Извештајот за напредокот по однос на забелешките на Реактивната мисија на УНЕСКО од 2017, што Комитетот за светско наследство ги реафирмираше пред година и половина на состанокот во Баку, Азербејџан, е готов и ќе биде презентиран на почетокот од идната година.

 

Невладиниот сектор вклучен во процесот, смета дека Охридскиот регион треба да биде преместен на листата на светско наследство во опасност, затоа што, дефакто припаѓа таму, поради степенот на уништување и поради игнорантскиот лежерен, и ноншалантен однос на македонските власти. Оние, пак, кои се одговорни за неспроведувањето на препораките, за непочитувањето на законите мора да сносат одговорност,  вели во изјава за медиумите активистот Драгана Велковска од „Охрид SOS“.

Наместо македонските власти да се зафатат со максимално спроведување на препораките, тие го губеа времето во лажирање. Со години наназад манипулираа и упорно ги криеја податоците за вистинскот степен на уништување на единственото светско наследство кое Македонија го има. Наводното справување со дивоградбите беше политичка одлука, тактичко однесување пред избори. – посочува Велковска.

Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, смета дека Охрид не може да го изгуби УНЕСКО статусот, но не ја исклучува можноста регионот да се најде на листата на загрозени подрачја.

Прашањето е сега дали Охрид кој ќе остане запишан на листата на УНЕСКО, ќе биде ставен на таа листа за подрачја во опасност, што значи дека ние поажурно ќе мора да пристапиме кон решавање на проблемите. – изјави Георгиески.

Забелешките на Реактивната мисија на УНЕСКО во најголем дел се однесуваа на несоодветната градба, неконтрилираниот урбан развој и експлоатацијата на крајбрежјето. Во меѓувреме, донесен е Планот за управување со културното и природното наследство на Охридскиот регион, се санира Колекторскиот систем, а делумно се спроведе и акција за отстранување на објекти кои ги загрозуваат универзалните вредности на регионот, и тоа само на дел од охридското крајбрежје. Градоначалникот Георгиески потврдува дека препораките на УНЕСКО не се исполнети целосно.

Доцниме со стратешката еваулација за влијанието на животната средина на бесправните објекти, доцниме со отстранувањето на бесправните објекти, бидејки тоа е еден од најкомплицираните, скапи и најсложени процеси. Доцниме и со решавањето на депонијата Буково, како и со носењето на урбанистичките планови. Сето тоа ќе биде нотирано во извештајот. – истакнува Георгиески.

За разлика од Охрид, кој покажа волја и презеде дел од одговорноста за отстранување на забелешките од Реактивната мисија на УНЕСКО, Општина Струга која исто така е дел од заштитениот регион, нема преземено никаква активност за отстранување на забелешките поради кои вредното светско природно и културно наследство е на пат да биде ставено на листата на заштитени подрачја во опасност.

Г.М.