Народниот театар од Охрид ја освои и воодушеви публиката на 32-рите по ред „ Денови на Нушиќ“ што се одржаа во Смедерево- Србија. Според бројот на гласовите од публиката, наградата за „актерско остварување на вечерта“ му припадна на актерот Стрезо Стаматовски за улогата на Никола Лебедев во претставата „ Детектор за лаги“од Василиј Сигарев во режија на Ненад Витанов.

За мене публиката е објективна и некомпромитирана, публиката е бескомпромисна и безмилосна, може да те воздигне на небо и во истиот миг да те тресне на земја. Поради тоа, е особено задоволството кога ќе се добие награда од неа. Театарот е тимска „игра“, затоа ќе биде егоистично од моја страна ако не речам дека таа награда колку што е моја, толку  е подеднакво и на Никола Тодороски, Јасмина Билаловиќ и останатиот тим позади кулисите – изјави Стаматовски.

Актерите од охридскиот театар, по завршувањето на претставата, имаа и неформална средба со амбасадорката на Македонија во Србија, Вера Јовановска Типко на која што се дискутираше за идните гостувања на театарот во Србија.

OhridNews