Посетителите на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“-Скопје, од 1 до 10 јули, 2014 г., ќе имаат можност да ја видат ексклузивната изложба „Словенски ракописи од Македонија од XIII до XIX век“. Изложбата е организирана во рамките на јубилејното чествување на 70-годишнината од основањето на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“-Скопје.
Од вкупно триесет ракописи, дваесет и еден се од фондот на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, а останатите девет ракописи се од Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид, Државниот архив на Македонија, Историскиот архив – Охрид, Македонската архиепископија (Богословски факултет) – Скопје и Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
По гостувањето на изложбата во Кралскиот музеј Мариемон во Белгија и скорешното нејзино претставување во Ватиканските музеи во рамките на традиционалната манифестација „Македонија во чест на Св. Кирил“ и 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи помеѓу Македонија и Светата Столица, за првпат изложбата ќе биде презентирана и пред пошироката македонска културна и општествена јавност што ќе овозможи сите посетители подетално да се запознаат со нашето културно-историско наследство, преку најрепрезентативните ракописни книги, сведоци на илјадагодишната словенска писмена традиција на Македонија на чии темели е вградена дејноста на двајца од најзначајните Кирилометодиеви ученици и учесници во Моравската мисија- светите Климент и Наум Охридски.
Ракописните книги вклучени во оваа изложба опфаќаат еден голем хронолошки дијапазон и имаат една доминантна теолошка и литургиска конотираност со ислучок на два ракописи од XIX век низ кои провејува една граѓанска, профана обоеност.
На свеченото отворање на изложбата, на 1 јули во 20.00 часот во просториите на НУБ „Св. Климент Охридски“-Скопје ќе се обратат
д-р Иван К. Заров, директор на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ и д-р Елизабета Канческа-Милевска, министер за култура на Република Македонија.
Изложбата ја подготви и реализира стручниот тим од НУБ „Св. Климент Охридски“– Скопје, предводен од д-р Иван К. Заров, директор на Библиотеката и комесар на изложбата, м-р Зорица Јаковлеска Спировска, виш конзерватор, Викторија Костоска, виш библиотекар и координатор за меѓународна соработка, Магдица Шамбевска, раководител на Сектор за комплетирање и стручна обработка на библиотечен материјал и Љупчо Јованов, информатичар. Изборот и описот на ракописите го направи д-р Михајло Георгиевски, специјалист за средновековна христијанска литература. Ликовно-графичкото обликување на промотивниот материјал е дело на м-р Марија Ветероска.
OhridNews