На 90-годишнината од почетокот на веслањето како спорт на Охридското Езеро, група ентузијасти го возобнови веслањето во Охрид преку формирање на Веслачкиот клуб Горица Ремо со седиште на плажата Горица 1, која прераснува во своевидна база на водните спортови во градот. Во тоа помогнаа спортисти и вљубеници во Охрид од Швајцарија, спортисти и клубот Биел од истоимениот швајцарски град („SeeClub Biel“), кои обезбедија вредна донација од 6 кајаци со соодветна опрема, која денеска беше предадена на градот и клубот Горица Ремо.

Во Охрид до сега ниту еден клуб немал ваква опрема и се надевам дека тоа ќе овозможи во наредниот период со соодветни подготовки да добиеме можеби и олимпиец од ова поднебје во веслачките дисциплини. Охрид е место каде водените спортови се во генетскиот код на луѓето и се блиски до нив, а со соодветна опрема верувам дека ќе можеме да покажеме и врвни резултати на светско ниво. – изјави градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков.

Ова е прва донација за ВК Горица од пријателскиот клуб од Швајцарија, а на есен најавена е уште една.

Очекуваме во септември група од 20 членовои од „SeeClub Biel“ да пристигне во Охрид заедно со втора донација. Тие една недела ќе тренираат и веслаат заедно со нашите членови, изјави Стефан Ставрев од ВК Горица Ремо.

Вљубеничката во Охрид и волонтер, швајцарката Ерика Масина, која е најзаслужна за вредната донација, раскажа како се поврзала со Охрид и со луѓето тука, од што произлезе вредната донација за охридското веслање.

Прв пат дојдов во Охрид во 2005 година како практикант и веднаш се вљубив во градот, каде стекнав многу пријатели. Со Стефан разговаравме и тој ме праша дали може да ги помогнеме водните спортови, направивме организација и еве не тука со поддршка која ќе продолжи и натаму. – изјави Ерика Масина, која во Охрид пристигна со неколкумина пријатели, спортисти, кои исто така помогнаа во реализацијата на донацијата.

Во знак на благодарност ВК Горица Ремо на Општина Охрид и донаторите од Швајцарија им додели пригодни Плакати за придонес во развој на спортот и возобнување на веслањето.

На настанот присуствуваа поранешни веслачи и спортски ветерани кои изразија задоволство што повторно се создаваат услови за развој на некогаш успешниот спорт.

Оваа донација вредна околу 20.000 евра, доаѓа во вистински момент и ќе придонесе за развој на водните спортови, кои во минатото беа трофејни со исклучителни резултати во некогашна Југославија и во меѓународни рамки.

Во моментов во тек се уписите во Веслачкиот клуб Горица Ремо каде искусни веслачи ќе го пренесуваат знаењето на младите генерации.

Вредна донација од Швајцарија за возобновување на веслачката традиција во Охрид и нов импулс во развојот на водните спортови

Г.М.
Фото: А. Момироска