Минатата година како играч, годинава како спортски директор на сениорската репрезентација, Врбица Стефанов во Охрид им е 24 часа на располагање на кошаркарите. Му недостига паркетот, а смета дека во овој состав има играч што може да го наследи.

– Посебно задоволство ми причинува функцијата спортски директор. Ќе ми биде драго и со новата функција да го повторам успехот што го имав како играч. Нормално дека ми недостига паркетот, тоа го работев цел живот и малку е тешко, но како се наближуваше крајот на играчката кариера, јасно ми беше дека еден ден ќе мора да се префрлам на клупата и на трибините – вели Стефанов.

Балканскиот менталитет може да биде најголемата пречка за пласман на Европското првенство што в година се игра во Литванија. Според Врбица, се’ е во наши раце и единствено од нас зависи дали ќе бидеме дел од континенталниот самит наредната година.

– Се работи дисциплинирано и се плашам само од нашиот „балкански менталитет“, кој е наша најголема мана. Ние не треба да се потпираме на претходно направеното, тоа е минато. Мора да се почне од нула. Секоја година има свој почеток и крај – предупредува спортскиот директор.


– Да се биде репрезентативец е голема чест, но и големо саможртвување. Во нашата земја каде што за жал, со чест на исклучоци, тоа не се цени многу, по турбоциклусот што не’ очекува во август, кој ќе преживее, ќе раскажува – завршува Стефанов.

М.П.