Охридските ракометари со победата над младиот состав Металург ги залечија раните од поразот во првата рунда од составот на Работнички.


Ракометарите на Охрид до првите бодови во Супер лигата стигнаа лесно и убедливо доминирајќи во текот на целиот натпревар во Автокоманда. – Иако против нас имавме лесен противник неопходна ни беше ваква победа за враќање на самодовербата. Квалитетот и фаворитската улога ја потврдивме на теренот. – рече Елдин Вражалица за мечот со Металург 2.

Играчот на линијата од шест метри смета дека охридскиот состав има капацитет за големи дострели сезонава во Супер лигата.


– На турнирот во Прилеп покажавме дека знаеме и можеме. Можеби си направивме голем притисок за првиот натпревар, но тоа што е и нема враќање назад. Од натпревар во натпревар мора да напредуваме бидејќи само што почна првенството и ќе има уште многу битки кои не очекуваат на теренот. – додаде Вражалица.

Тој заедно со Мите Караиванов и Дарко Павловиќ по шест пати ја затресија мрежата на „металурзите“ во триумфот 29-20.

Мх.П.