Денот на општината Брент, Лондон беше „пригодно“ обележан на новиот Вембли. Околу 60.000 граѓани ја тестираа функционалноста на скалите и лифтовите, исправноста на тоалетите (2.618 – повеќе од било кој друг стадион) како дел од генералниот тест за безбедност.


Стадионот што вреди 757 милиони фунти, требаше да биде отворен во август 2005, но сите временски рокови беа пробиени, па така многу спортски и музички настани беа откажани. Сега менаџерите на стадионот „брзаат“ да го добијат сертификатот за безбедност, за сеуште да бидат потенцијални домаќини на ФА купот во мај оваа година.

Новиот Вембли е стадион од сништата, со 90.000 седишта, со невообичаен, заоблен облик – за сите гледачи да имаат ист „третман“ и поглед на случувањата на теренот.


Стариот Вембли пак, беше изграден во 1923 година, затворен за употреба во 2000, а конечно срушен во 2002. Главниот архитект на стадионот изјави дека многу од бетонските парчиња на стариот биле искористени за темелот на новиот стадион. Значи духот на славата се пренесува.

Мечот помеѓу младите репрезентации на Англија и Италија ќе биде прв официјален натпревар на Вембли, на 24-ти март, а славниот Џорџ Мајкл ќе пее на 9-ти јуни.

С. Костоски