По неколкугодишна пауза, во просториите на градската библиотека повторно започна со работа Литературниот клуб „Григор Прличев“ од Охрид. Формиран во далечната 1967 година, клубот претставувал вистинска отскочна „даска“ за цела плејада родокрајни автори преведувани низ целиот свет, кои во минатото столетие твореле на ова поднебје.
Како што објаснува охридскиот поет Смиле Наумоски-Брсјак, долгогодишен член на овој литературен кружок, иако низ историјата на клубот се менувале просториите, истиот работел во континуитет.
„Клубот е формиран во 1967 година во Домот на културата „Григор Прличев“. Бевме гимназијалци и работевме на обновување и издавање на списанието „Јужен бран“. Се погодивме еден круг на млади и полетни поети, кои директно учествувавме во неговата обнова. Во тоа време имаше доста активности поврзани со клубот, меѓу која поставувањето на бистата на Радослав Петкоски во месноста Канео. Со текот на времето ја засакавме литературата и таа стана наша определба и водилка низ животот.“ – вели Наумоски-Брсјак.
Според него, една од главните компоненти за опстојување на еден народ е несоменено творештвото и културата.
„Целта на овој клуб е секако да се надградуваме низ дискусии, односно да ги вреднуваме нашите творби. Да ја следиме целата литература и да им подадеме рака на оние кои почнуваат . Да се обидеме да ги окуражиме, за да согледаат дека вредно е да се создава и твори. Еден народ опстојува само ако има култура, која претставува главен компонент за издигнување и покажување на тој народ пред другите.“ – додава Наумоски-Брсјак.
Литературните средби кои се оддржуваат секој петок во просториите на НУ Библиотека „Григор Прличев“ , во временски интервал од 17 до 19 часот, се наменети за сите возрасни генерации и љубители на пишаниот збор.
„Се надевам дека ќе го привлечеме вниманието и на помладите творци, кои секако ќе бидат прифатени еднакво. Секој потенцијален уметник само треба да твори. Нека повелат сите, вратите им отворени од 17 до 19 часот во просориите на градската библиотека „Григор Прличев“. – завршува охридскиот поет.
O.T.