Како што пренесува „Макфакс“, оОваа одлука е донесена на координацијата која ја свикал собранискиот спикер ,Трајко Вељаноски, откако опозицијата и денеска не се појави во Собранието.
„Седницата се прекинува се додека не се создадат услови за парламентарна дебата, бидејќи одговорноста за оваа состојба е заедничка. Оваа точка ќе биде отворена, се додека опозициските партии кои го напуштија Собранието, не се вратат да дебатираме, бидејќи таа е од особена важност за демократијата на земјата“ рече Вељаноски.
Либералдемократот Андреј Жерновки побара да биде прекината и редовната седница по веќе утврдениот дневен ред се додека опозицијата не се врати во парламентарните клупи.
Според него, свикувањето на итната седница е несериозно бидејќи во текстот за седницата се бараше известување од органите на власта и ако оваа седница, како што рече, беше со искрени намери денеска тука ќе беа присутни министерот за финансии,Зоран Ставревски, министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и приот човек на Управата за јавни приходи, Горан Трајковски.
„Ова денеска покажа дека продолжува притисокот врз критички настроените медиуми“ истакна Жерновски.
Пратеничката Ермира Мехмети од ДУИ со процедурална забелешка посочи дека одговорноста за случувањата поврзана со медиумите е и на власта и на опозицијата.
„Каузата за „А1“ телевизија не смее да биде кауза само на опозицијата. Таа треба да биде и на власта и на опозицијата и на новинарите на „А1“ и од другите медиуми. Оваа кауза не смее да има победници и губитници. Треба да има само еден победник, а тоа е квалитетот на демократијата“ рече Мехемти.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ повторно го осудија бојкотот на опозицијата бидејќи сметаат дека тој и штети на угледот на земјата. Пратеничката Силвана Бонева истакна дека медиумите се важни и оти владејачкото мнозинство е подготвено да дебатира за ова, но заедно со опозицијата.
„Подготвени сме да ја продолжиме дебатата, но не сами со себе туку со опозицијата. Се надевам дека политичките партии ќе се вразумат и оти оваа улична демократија ќе ја замениме со парламентарна“ рече Бонева.
Социјалдемократите уште еднаш го повторија својот став дека нивните причини за напуштање на парламентот се веќе познати и оти се додека не се надминат тие, пратениците на СДСМ нема да се вратат во оваа институција.
Парламентот продолжи со работа, но со најавената седница и предвидениот дневен ред, а за состојбите на медиумите ќе се разговара во оној момент кога опозицијата ќе реши да ги соочи аргументите.
извор: „Макфакс“