Во Собранието на Република Македонија денеска беше врачена Државната награда „23 Октомври“ за 2015 година за остварување во областа на културата и уметноста на овогодинешните добитници ликовниот уметник Стефан Хаџи Николов, на писателот Фејзи Бојку и на музикологот, публицист, новинар и музички критичар, Костадин Костадиновски.
Престедателот на Одборот за доделување на државната награда „23 Октомври“, академик Вера Битракова Грозданова изјави дека оваа престижна награда претставува признание со кое се вреднува придонесот на творештвото на тројцата добитници за нивна лична и за афирмација на сопствената држава.
– Заветот на нашите слободоумни претци многу не обврзува согласно со нивната визија. Се што е досега постигнато треба да се унапредува и во новото време треба да се учествува во рамноправен натпревар со другите, бидејќи само на тој начин може нашето општетство да се вгради во цивилизациските токови на културните нации. Денес во времето во кое живееме, творечкиот потенцијал во областа на науката, образованието, културата го поддржуваме. Но, останувам со надеж дека понатака уште повеќе ќе се зголеми поддршката од општеството. Како што еден особено учен Македонец, атомистот и филозоф, Јоцо Поп Јорданов ќе рече – да се трудиме повеќе да се слушаме, учените повеќе да се слушани од моќните и моќните повеќе да ги слушаат учените, рече Битракова Грозданова честитајќи ја наградата.
Од името на тројцата лауреати се обрати Костадиновски, кој видно возбуден, истакна дека наградата претставува заокружување на големата валоризација и верификација на нивните творешки дострели во изминатите 4-5 децении.
– Таа валоризација стимулира и мотивира, и истовремено ја потенцира возвишеноста на духот. Културата е огледало и гордост на една нација, рече меѓу другото Костадиновски.
Државната награда „23 Октомври“ се доделува за долгогодишни остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоција на државните приоритети, вредности и културно-историското наследство на Република Македонија.
OhridNews
Извор:„МИА“