Кенсаку Таникава, син на лауреатот на 61. издание на Струшките вечери на поезијата, јапонскиот поет Шунтаро Таникава во име на својот татко вчера вечер на Мостот на поезијата во Струга го прими највисокото фестивалско признание „Златен венец“.
Во рамки на свеченоста наградата „Златен венец“ му беше врачена и на лауреатот од 2020 година, израелскиот поет Амир Ор.
На меѓународниот поетски митинг „Мостови“ беа врачени и наградите „Браќа Миладиновци“ на македонскиот поет и книжевен преведувач Зоран Анчевски и „Мостови на Струга“ што УНЕСКО и Струшките вечери на поезијата го доделуваат за најдобар поет-дебитант на италијанскиот поет Џерардо Мазучо.
Покрај добитниците на наградите, на поетскиот митинг поезија читаа и поети од разни страни на светот, правејќи ја Струга по 61-ви пат престолнина на поезијата.
Годинашното издание на Струшките вечери на поезијата, според директорот на Фестивалот Тодорче Тасевски, по две изданија во услови на пандемија, се врати во препознатливиот формат.
Можам да кажам дека сум задоволен од изданието. Понудивме еден нов и смел концепт на свеченото отворање и затворање, авторска преработка на Т`га за југ од страна на „Пијан славеј“. Режијата на настаните беше на Зоја Бузалковска, сценографијата на ОТП студио, а дизајнот на плакатот на струшкиот уметник Енкел Дика, изјави Тасевски.
Во знакот на годинашното мото „Ритамот на стихот, ритам на животот“, додаде тој, СВП издаде антологија „Музика, секогаш и уште (поезијата во дијалог со музиката)“, која ја нагласила врската меѓу поезијата и музиката.
Физичкото отсуство на Шунтаро Таникава, кој заради возраста не беше физички присутен, беше премостено со присуството на неговиот син, истакнатиот јапонски композитор и пијанист, Кенсаку Таникава, кој го прими „Златниот венец“ во име на неговиот татко, а во рамки на портретот на лауреатот во црквата „Света Софија“, одржа импресивен музички настап, истакна Тасевски.
Манифестацијата почна во четвртокот со традиционално палење на фестивалскиот оган и поетското читање „Меридијани“. Во рамките на Струшките вечери на поезијата денес ќе се одржи меѓународно поетско читање на платото пред Музејот на современа уметност во Скопје.
OhridNews