Досега во Македонија се поднесени 22.400 барања за денационализација на имот. Позитивно се решени се 13.000,  800 се отфрлени, а за 800 е прекината постапката. На име надомест државата досега исплатила околу 200 милиони евра во обврзници.

Овие податоци денеска ги изнесе министерот за финансии Трајко Славевски на средба со околу 100-на граѓани од Охрид и Струга чии предмет по основ на денационализација не се решени.Славевски истакна дека државата мора што поскоро да ги реши предметите за враќање на имотите бидејќи како што рече речиси и да не постои земјиште со расчистени имотно правни односи.


министерот за финансии Славевски

Ниеден инвеститор не сака да вложи свои пари во изградба на објекти на земјиште каде што не се расчистени имотно правните односи, рече Славевски. Државата мора да ги реши овие проблеми, рече Славевски, кој истакна дека иако Македонија е доста сиромашна држава, има најлиберален закон за денационализација, кој сега ќе се продолжи за шест месеци со цел да им се овозможи на сите граѓни кои досега од било кои причини не поднеле барања тоа да можат да го остварат.


граѓаните си го бараа одземениот имот

Министерот за финансии најави дека тринаесетте регионални комисии кадровски ќе се доекипираат, а една од комисиите ќе работи само на барањата од верските заедници.

Граѓаните најмногу се жалат на бавноста, пристрасноста, опструкциите, погрешното толкување на законите и бирократијата, со што најмногу се соочувале при поднесувањето на нивните барања. Жителите од селото Пештани го истакнаа проблемот со како што велат нивните имоти кај авто кампот “Градиште“, процес кој се води од 1999 година.

Нашиот случај се одолговлекува со години. Имаме решение од второстепена комисија, вратено е нашето земјиште, меѓутоа наместо да ни бидат врачени решенијата правобранителот поведе постапка пред Врховниот суд, се жали Симон Азески еден од 150 наследници на имот кај авто кампот Градиште. Најголемиот проблем е во првостепената општинска комисија, која не ни ги дава на увид ниту записниците од случајот, вели Азески. Ние одиме шест – седум години некој трнлив прав и не можеме да дојдеме до целта, вели тој.

Орхан Зекир е еден од наследниците на атрактивниот имот пред хотелот Палас.

„Мојот предмет се одолговлекува веќе шест години и досега не сум добил никаков одговор ниту од првостепената комисија. Семејството Руменови кое е понапред во процесот на денационализација за истата парцела има правосилна пресуда од Врховниот суд, но земјиштето не е вратено, вели Зекир. Онаму каде што имаат интерес локални моќници, новопечени бизнисмени или олигархијата нема напредок во процесот на денационализација,“ рече Зекир.

Славевски истакна дека во иднина владата ќе се заложи спорововите во врска со денационализацијата да се решаваат само во управна постапка пред комисиите, а не да се одолговлекуваат низ судски процеси. Министерот за финансии денеска во Охрид  врачи триесетина  решенија за денационализација на граѓани од Охрид, Струга и Ресен.


министерот врачи 30-на решенија за денационализација

Горан Момироски