Во рамките на годинашните „Прличеви беседи“, денеска, во Центарот за култура, на познатиот писател, поет и сценарист Стево Симски свечено му беше врачена Повелбата за најдобра поема за 2019 година, за неговото дело „Таинство на богомилите“.
На свеченоста на доделувањето на наградата, најдобрата поема „Таинство на богомилите“ ja претстави претседателката на жири комисијата Маја Јакимовска- Тошиќ, а во името на Центарот за култура се обрати Зоран Пејкоски.
Како што истакна претседателката на Советот на општина Охрид, Живка Ангелоска, со секоја нова поема, секоја година творците го збогатуваат фондот на оваа литературна форма и чекорат по патот на Вториот Хомер, добитникот на Ловоровиот венец за најдобра поема на конкурсот во Атина, охриѓанецот Григор Прличев.
- За поемата „Таинство на богомилите“ од Стево Симски, жири комисијата во образложението ќе напише „исказот е лирски сугестивен и хармоничен, напати спокоен и мирен, но и згуснато сензитивен, метафоричен, со посредство на кој се гради дејствие во навидум спокоен од, но истовремено пронижан со интензивната динамика на случувањата“. Тоа се стручни оценки кои потврдуваат дека не случајно, поетот, раскажувач, писател за деца и сценарист Симски по 20 години повторно е награден на истиот конкурс за најдобра поема, рече Ангелоска.
На свеченоста се одржа и артистичка изведба, а настап имаше и на хорот на Центарот за култура „Григор Прличев“ кој ја изведе песната „ 1762 лето“ . Манифестацијата заврши со обраќање на лауреатот Стево Симски.
OhridNews