На свеченост што денес се одржа во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ беше врачена наградата за најдобра поема на лауреатот Славе Ѓорѓо Димоски за поемата „Денес“, а во рамки на чествувањето на ликот и делото на Прличев.

Наградата што го носи името на Григор Прличев е за мене исклучително значајна оттаму што моето литературно зреење е врзано за Прличев. Уште како ученик од четврто, петто одделение ја прочитав прличевата „Автобиографија“ и оттогаш сум цврсто врзан со Прличев. Поема „Денес“ ја обработува денешната ситуација, се она што се  случува кај нас, во нашата земја и надвор. Тоа е поема во која се трага по личен, човечки, државен идентитет… Дејството во самата поема е ставено во временска рамка од шест месеци и се случува во 2022 година, изјави охридскиот поет и преродбеник Димоски.

Продолжувајќи ги востановените Прличеви традиции за пишување на жанрот, поемата на Ѓорѓо Димоски уште еднаш потврди дека сите ние сме чеда на Прличев како еден од најголемите интелектуалци и преродбеници врз чиј труд се гради сето она што е духовно и креативно во Охрид, рече во обраќањето заменик градоначалникот Перчо Божиновски.

Секое време раѓа свој Прличев, годинешниот и многуте лауреати пред него се доказ за тоа. Тие се тие кои го обмислуваат новото време, кои ја раскажуваат нашата жива автентичност во современиот свет. За тоа сведочат и ракописите кои се натпреваруваа за престижот да се биде носител на Прличевата ловористика. Прличев е нашиот духовен водич. Затоа наградата што се доделува во негова чест, покрај тоа што ги истакнува високите вредности на културата исто така докажува дека македонскиот народ секогаш ќе има креатори и творци коишто ќе го зачуваат нашиот културен идентитет како значаен дел во светската духовна и културна ризница, Ваквите чествувања се одлична можност повторно да си ветиме дека ќе ја чуваме нашата традиција, нашето минато кое е основа на сегашноста и здравата иднина, додаде Божиновски.

Претседателот на комисијата Милован Стефановски ја претстави наградената поема „Денес“ потенцирајќи дека на Конкурсот пристигнале седум поеми, но доста квалитетни.

Поемата „Денес“ уште на стартот се издвои по својот урбан, современ пристап, тематика, како концепциски доследно осмислено и  кохерентно поставено пеење. Поемата нуди своевиден пресек на актуелните состојби во светот, со приемчиво обликувана експресија, на места и со признаци на духовит квалитет што е прилично редок и неочекувам во науката. Поемата остварува драгоцени проникнувања и созвучја со современоста, дискретно актуелизирајќи повеќе топоси, како постхуманизмот, миграциите, епидемиите и тековните војни на екраните. Композициски поемата содржи три дела секој составен од три пеења, проникнати со фино дозирани наративни секвенци и јасна нишка на приказната. Поемата „Денес“ заедно со сите досега наградени поеми рамносилно се вградува во одржувањето на Прличевиот дух во нашата современа поетска продукција сега и во иднина, рече Стефановски.

Зоран Пејкоски претставник од НУ Центар за култура „Григор Прличев“ преку споредба на Прличев и Ѓорѓо Димоски го потенцираше нивниот влог во македонската книжевност.

Прличев во секој миг докажуваше дека Македонците се бесценето богатство и преку пишувањето на Сердарот уште во тие негови студенски години, како што тоа сега го прави Славе Ѓорѓо Димоски во поемата „Денес“ за ова ново време на неизвесност и суровост во кое сите сме изгубени, можеме да заклучиме дека за жал и тогаш и сега премрежијата на Македонците биле неизбежни. Но, се радувам што и двајцата во себе ја носат таа лична македонштина и двајцата даваат огромен влог во македонската книжевност.  Преку поемата „Денес“ Ѓорѓо Димоски ни покажа дека е супериорен и ненадминлив. Тој сега одбра да стави мудар печат, не само на своето, туку и на целукупното македонско творештво пеејќи со гласот на блесокот, додаде Пејкоски.

Свеченоста започна со изведба на „1762 Лето“ од страна на хорот при НУЦК “Григор Прличев”, а во изложбениот салон беше поставена изложба на ликовни дела одбрани од колекцијата на Центарот.

 

Н.С.Ј.

фото. Б. Стојаноски