Вработените во весниците „Шпиц“, „Време“ и „Коха е ре“  кои веќе десетина дена се на колективен одмор, денеска  ќе излезат на протест пред А1 телевизија, но и пред редакциите на овие три весници  кои се наоѓаат на иста адреса со телевизијата и ќе побараат да им се исплатат заостанатите плати и придонеси.

Поранешниот заменик главен и одговорен уредник на „Шпиц“ Владо Ѓорчев за Макфакс изјави дека се решиле на ова поради неисплатените три плати за мај, јуни и тековниот јули, но и поради неисплатените придонеси од месец јануари.

Вработените биле изреволтирани и од изјавата на сопственикот на А1 телевизија, Велија Рамковски кој побара од судскиот совет да му се замени мерката притвор со мерката домашен притвор, а како гаранција за тоа ги понуди сметките на фирмите кои биле полни.

Нив ги изреволтирало тоа што сметките на фирмата биле полни за замена на притворот на сопственикот, додека тие ги немаат земено заработените плати и придонеси.

Рамковски вчера од судот побара да го земе во предвид тоа што на најголем дел од сметките на фирмите кои се замрзнати има средства до сумата за која Кривичниот совет барал да бидат замрзнати.

Што се однесува до А1 телевизија, според Рамковски, Судот имал на располагање околу милион евра. Тој смета дека ваквата гаранција е доволна да го замени притворот со домашен притвор.

 Дневните весници „Шпиц“, „Време“ и „Коха е Ре“ на 2 јули излегоа за последен пат. На новинарите и другите вработени во овие весници им беше соопштено дека весниците згаснуваат и дека во наредниот месец ќе бидат на колективен одмор, а потоа ако не се најде купувач фирмата ќе оди во стечај.

Но, вработените информираат дека нивните откази им биле изготвени.

Сопственикот на А1 телевизија и на овие дневни весници Велија Рамковски и неговите блиски соработници неколку месеци се во притвор, осомничени за злосторничко здружување, перење пари, злоупотреба на службената положба и овластување, даночно затајување и оштетување на доверители.

OhridNews
извор: „Макфакс“