Вработените во НП Галичица, кои во вторникот организираа протестен собир пред управната зграда на установата незадоволни од смената на в.д. директорот Андон Бојаџи, се предомислија и ја прифатија одлуката на владата која за нов вршител на должност директор го назначи правникот и актуелен секретар на ОО СДСМ Охрид Васко Паскали. На собирот вработените изразија загриженост дека со смената на директорт ќе пропаднат договорените меѓународни проекти преку кои се обезбедува финансиска независниост и стабилност на паркот во наредните 10 години, поради што тие не ја исклучија можноста од стапување во штрајк. Во меѓу време тие оствариле средба во новиот раководител, кој ги уверил дека тоа нема да се случи.

Паскали, пак, се реши за целиот случај да се обрати преку писмено соопштение.

Сакам да ги уверам вработените, а и граѓанските организации кои се големи поборници на заштита на природата и НП „Галичица“ децении на ред дека со ништо нема да ја нарушам патеката на развој на Паркот трасирана од претходникот Бојаџи и дека и натаму сум подготвен да соработувам со него и тој да ги продолжи проектите кои се во интерес на сите во Јавната установа, вклучувајќи го и него. Потсетувам дека мојата политичка опција СДСМ претходно грчевито се бореше против идејата за градба на експресен пат среде Галичица и за редица преземања кои ни оддалеку не беа приоритет на институцијата. Среќни сме што тие проекти за градби под плаштот на Субрата Рој не се остварија.

Васко Паскали – в.д. директор на НП Галичица

Паскали во писменото обраќање до јавноста вели дека нема ништо спорно во постапката за негово назначување за прв човек на паркот, за што исто така разговарал со вработените, кои, на протестниот собир изразија сомневање дека одлуката на владата е незаконска, затоа што не бил запознаен УО и не бил распишан конкурс. Владата, пак, смета дека не го прекршила законот, и дека постапката е запазена во целост, затоа што се работи за в.д. директор, односно вршител на должност.

Г.М.