Високите температури, кои според најавите ќе потраат и оваа недела, ја зголемуваат опасноста од пожари на отворено. Состојбата во охридскиот регион засега е стабилна, но надлежните институции преземаат превентивни мерки со цел да се спречи појава на пожари на отворено. Вработените во Националниот парк „Галичица“ се во состојба на приправност. Засилени се патролите особено во шумските предели, а согласно упатствата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се преземаат соодветни активности, а се легитимираат и сите луѓе кои влегуваат во заштитената зона на паркот, вели Наумче Новески – раководител на секторот за пожари и одржливо искористување на НП „Гличица“.
-Препораките се да се намалат активностите на земјоделските имоти во зоната на паркот. Дополнително времено се запира секаква сеча на шума и издавање на дозволи за истата. Во моментов освен посетителите кои туристички влегуваат и се регистрираат, во националниот парк активности единствено вршат само вработените, кои ќе останат во приправност се до спуштање на температурите.-изјави Новески.
Во насока на превентивно делување на посетителите на паркот и локалното население им се делат флаери со едукативна содржина, во кои се апелира на внимателност. На сила е забраната за палење оган на отворено, освен на места предвидени за тоа, потсетуваат од НП „Галичица“.
-Засега успеваме да го заштитиме националниот парк, а тоа е благодарение на месното население, како и на Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување и Територијалната професионална противпожарна единица од Охрид.-додава Новески.
Во 2007 година Националниот парк „Галичица“ го зафати голем пожар во кој изгореа околу 100 хектари тревна површина и нискостеблеста шума.
OhridNews