Вработените во МЈП Проаква – Струга, РЕ Водовод Струга и Колектор, денеска стапија во штрајк. Тие се жалат дека платите им доцнат веќе седум месеци и дека поради неплатени придонеси не можат да користат здравствени услуги. 

-Бараме исплата на три плати за да може да добиваме здравствени картони и секој месец да имаме редовна плата. Додека тоа не се оствари штрајкот ќе продолжи.- изјави Белрим Ала, вработен во ЈП Колектор. 

Од МЈП Проаква Струга велат дека не се во можност да ги исполнат барањата на работниците, затоа што нивната жиро сметка е блокирана.

-Лимитот за тековно работење на трите работни единици Водовод Охрид, Водовод Струга и Колектор од 16 милиони денари е надминат, бидејќи РЕ Водовод Охрид без координација со нас исплатила плати и придонеси и сега ние не можеме да вршиме трансфер на средства преку жиро сметка, оти парите завршуваат кај доверителите врз основа на извршни решенија.– истакна Астрит Селими од правната служба на МЈП Проаква – Струга.

Работниците најавија дека штрајкот во Проаква ќе продолжи.

OhridNews