Поради крајно лошата финансиска состојба и нерешениот статус на 400 новинари,радиотехничари и други вработени во јавните локални медиуми, Здружението на 29 -те јавни локални медиуми во кое членува и Радио Охрид донесе одлука денеска вторник – 25 септември да се организира протест пред Владата на Република Македонија.
Вработените во јавните локални медиуми бараат да им се исплатат заостанатите финансиски средства за 9 месеци , да се забрза трансформацијата која доцни повеќе од 4 месеци и да не се дозволи ликвидација на ниту еден јавен локален медиум.Вршителот на должноста директор на Радио Охрид , Милчо Јованоски , вели :
„Состојбата е слична и во нашата радио куќа. Иако проценката Радио Охрид ја направи и достави прво од сите радиостаници во министреството за економија уште во септември минатата година, таа во процедура на разгледување влезе дури во март годинава , а јавниот повик за продажба на 55 проценти од вредноста на оваа информативна куќа беше објавен на почетокот на јуни – годинава. На 10 јули во министерството за економија беше констатирано дека на повикот за продажба се пријавиле четворица купувачи од кои еден се откажа на чинот на отворањето на понудите.Оттогаш молк. Крајниот рок до кој
треба да се донесе одлуката кому ќе му припаднат 55 проценти од капиталот на Радио Охрид или кој ќе биде негов газда е 10 октомври.Комисијата за приватизација при Владата го има последниот збор.
Но ваквата стаус кво ситуација и неизвесност за вработените во Радио Охрид трае од пред две години .Тоа е периодот пред донесувањето на Законот за радиодифузија на кому му претходеа жолчни но и напати јалови дискусии каде е вистинското место на локалниот јавен сервис во Македонија.Не помагаа ниту амандманите ниту петициите ниту писмата кои ние вработените заеднички преку нашето Здружение ги упатувавме до надлежните за изработка на Законот, до Владата, парламентот, партиите Заедницата на единиците на локална самоуправа , медиумите.Се чини некој под плаштот на евроинтеграциите на Македонија намерно сакаше и сака да згасне јавната локална радиодифузија.И како времето одминува на сите вработени во Радио Охрид и останатите 29 радија низ Македонија полека им станува кристално јасно дека згаснувањето на јавните медиуми им оди во прилог на ситните интереси на одделни приватни електронски медиуми и ограничениот слух на политичарите од сите бои кои со одлуките и кревањето , односно не кревањето на два прсти во парламентот помогнаа јавниот сервис да е на ова скалило на кое е сега.
Вработените во Радио Охрид немајќи друго решение лани во мај следејќи ги членовите од Законот за радиодифузија кои ја тангираат нашата работа пак први во Македонија се одлучија јасно и прецизно за приватизација на нашата информативна куќа.Се друго е познато.Радио Охрид во мигов не должи никому а ни должат. Долгот е во вид на 5 платии придонеси за девете вработени.
Цели девет месеци – Радио Охрид и останатите радиостаници во Македонија од државата не добила ниту денар.Во одлуката за трансформација а и во законот за радиодидфузија децидно стои: Јавното претпријатие на локално ниво Радио Охрид до крајот на процесот на трансформација се финансира со пет проценти од собраната радиодифузна такса.За жал таксата никој не ја собира. Тоа требаше да го стори
Македонската радио – телевизија.И по девет месеци таа не успеа во тоа. Ние ниту виновни , ниту должни останавме без пари и финансика поддршка.Ако МРТВ не ја собира претплатата тогаш механизмот треба да го преземе државата, нели таа ги носи законите, а ние сеуште го имаме предзнакот јавен радиодифузен сервис на локално ниво.За волја на вистината и ние и должиме на државата исклучиво по основ на ДДВ за деветте месеци од годинава, но тоа во однос на она што таа го има како обвврска кон нас е само е една десеттина.
И во крајно лоши финансиски услови сиот овој транзициски и турболентен период ние како Радио Охрид не потклекнавме на искушенијата и професионализмот. Ве уверуваме дека такви ќе останеме до крај.Се надеваме дека Владата утре конечно ќе ги исполни нашите барања.Ние го бараме само сработеното а процесот на приватизација нека продолжи.Одлуката се надеваме дека ќе биде во наша корист – односно на сите Вас почитувани и верни слушатели .Наша желба е заедно со Вас овој ноември Радио Охрид трансформирано и приватизирано да го одбележи големиот јубилеј 50 години од своето постоење.
Денешниот протест пред Владата е поддржан од сите вработени во Радио Охрид . Верувам дека таа поддршка ќе ја дадате и Вие.
Денеска Радио Охрид ќе отстапи од својата програмска шема .Ќе биде на протест заедно со останатите колеги од Македонија. Сепак програма ќе има а во неа најголем дел ќе биде отстапен за наша гласност и транспарентност. Ќе слушнете што бараме ние и останатите колеги од 28 јавни радиостаници. Нашиот протест не е против политиката на Владата ниту во корист на некој друг.Протестот е обид да се заштити нашиот професионален однос во име на оние кои го создавале Радио Охрид и кои сега трпеливо го бараат патот за своја егизитенција и сопствено опстојување но и се грижат за иднината на радиото.Се надвеваме дека ќе на идеме на разбирање од Ваша страна. Ние досега секогаш сме биле на страната на објективноста“.
ОД СИТЕ ВРАБОТЕНИ ВО РАДИО ОХРИД