40 маченички плати, придонеси, здравје и достоинство, побараа вработените од ЕМО кои денес повторно излегоа на мирен протест незадоволни што нивните барања и понатаму остануваат неисполнети.
– За жал и понатаму состојбата е непроменета иако преку медиумите слушавме разни изјави и приказни- дека ЕМО работи со капацитет од 80% . Како би работела фирмата ако шест или седум месеци нема струја, греење, нема обезбедена работа. Она што го изјавуваат е дезинформација, лага , изјави Миле Крстаноски, претседателот на синдикатот на ЕМО Охрид.
Крстаноски информира дека на 5 март биле повикани на разговор со премиерот Груевски кој сакал од прва рака да слушне за проблемите во компанијата и за барањата на вработените.
– Премиерот не вети ништо, најверојатно сакаше само да не ислуша. Се кажуваше дека ќе влезе државна фирма, беше посочена МЕПСО и странска фирма од Германија како странска инвестиција. Имаме информации дека во МЕПСО владее отпор во однос на најавата дека 50 луѓе од ЕМО ќе бидат префрлени во МЕПСО. Се прашуваме дали некој ќе вработи работник кој има над 50 години старост, сите одат на вработување до 30 години, така да не веруваме во тие најави. Дај боже да се остварат, вели Крстаноски.
Тој додаде дека без резултат останале и најавите од локалната самоуправа дека ќе им се помогне од страна на јавните претпријатија.
– Во јануари до градоначалникот Бакрачески доставивме барање со приоритетни работници за да им се помогне. Имаше најава дека ќе се помогне од страна на јавните претпријатија кои гравитираат во општинава да не преземаат активности да се оптужуваат неплатени сметки од овие вработени, да не се пресметуваат камати но од сето тоа до ден денес ништо нема. Се обративме и замоливме за уште една средба со градоначалникот и директорите на јавните претпријатија да разговараме и изнајдеме решенија,бидејќи овие работници не се социјални случаи, туку и полошо од тоа. За жал досега нема најава за таква средба. Или нека кажат дека не може да ги реализираат ветувањата или нека кажат дека лажат, рече Крстаноски.
Тој најави дека доколку нивните барања не се исполнат протестите ќе продолжат секој понеделник и ќе бидат се помасовни.
Т. К.