Голем финансиски скандал ја тресе една од најмоќните финансиски групации во светот „Сосиете женерал“. Службеник во Париз ја оштетил банката за 4,9 милијарди евра, соопшти правниот застапник на „Сосиете женерал“
.
„Имам обврска да ве информирам дека управата на “Сосиете женерал’ откри меѓународна измама од големи размери, извршена од вработен во одделот за финансирање и инвестирање“, стои во писмената изјава на претседавачот на управниот одбор, Даниел Бутон.
Од банката најавија дека службеникот кој ја признал измамата е суспендиран, како и дека е иницирана постапка за негово разрешување, но и за лицата одговорни за надзор на неговото работење.
„Сосиете женерал“ измамата ја открила во текот на изминатиот викенд, за која се тврди дека е изолиран случај. Претседавачот Бутон понудил оставка на функцијата, но управниот одбор на банката го одбил предлогот.
Стотина акционери на францускиот банкарски гигант „Сосиете женерал“ денеска поднесоа жалба со барање за обештетување, откако беше соопштена веста за големата финансиска измама во банката.
Претходно управата на банката соопшти дека ќе мора да биде признаена загуба од две милијарди евра, последица од изложеноста на банката на кризата на хипотекарниот пазар во САД. Банката соопшти дека ќе го намали профитот остварен во 2007 година на 600 до 800 милиони евра, од 5,2-те милијарди евра остварени во 2006.
„Сосиете женерал“ е една од најмоќните финансиски институции во светот со претставништва во преку 80 држави. Од неодамна оваа финансиска групација е присутна и во нашата земја преку купувањето на Охридска банка.
ohridnews