Со летниот распоред на летање, што стартува на 28-ми месецов, на аеродромите во државава се враќаат неколку рути што функционираа пред ковид пандемијата. Кон земјава повторно ќе сообраќа полски ЛОТ, а скопскиот аеродром со директен лет ќе биде поврзан со Софија.
Во овој летен распоред на летање се враќаат и неколку рути кои ги имавме пред ковид-пандемијата, но во текот на зимската сезона се’ уште не беа вратени, вели во интервју за МИА Метин Батак, извршен директор на ТАВ Аеродроми.
Тој истакнува дека последиците од Ковид-19 кризата сѐ уште се чувствуваат глобално и оти се потребни уште најмалку две до три години за закрепнување на авиосообраќајот на светско ниво.
Изминатите две години беа и се навистина предизвикувачки за авиосекторот. Почна со ковид-кризата, продолжува со глобалните политички и економски случувања. Сето ова влијае врз сите бизнис-сектори, вклучувајќи го и авиосообраќајот, така што брзите прилагодувања на секоја новонастаната ситуација се неопходни и се покажаа како клучни во целиот овој период. Постојат бројни предизвици со кои ТАВ Мaкедoнија успешно се носи, секогаш организирајќи ги процесите и условите за работа според највисоките глобални авијациски стандарди, за што доказ се и меѓународните признанија што ги добиваме, наведува Батак.
Во првите два месеца од годинава на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид се регистрирани 215 227 патници, што е пад од 29 проценти на вкупниот број патници споредено со бројките за јануари и февруари во 2019, како референтна година. Во однос на 2021 година, бројот на патници во првите два месеци оваа година е зголемен за 107 проценти. Бројот на летови пак, на двата аеродрома во првите два месеци годинава е 1.900, што е 46 проценти повеќе во однос на истиот период лани, но е за 26 проценти помалку во однос на 2019 година
OhridNews
Фото: Миа