Истанбул 9-11 Мај 2008 беше домаќин на дополнителни 100-тина илјади туристи кои во дневниот просек од околу 2 милиони туристи, домашни и странски, не беше некое посебно оптоварување, но градот, по четврти пат, се покажа како одличен домаќин за сите вљубеници во најскапиот и најбрзиот циркус на денешницата.

F1 фанови имаше од секаде, оправдано Финците беа најзабележителни и најсреќни, имаат и зошто. Имаше многу Руси, за Турција тое е веќе нормално, имаше Англичани, Германци, но сепак иако патеката е во азискиот дел на Истанбул таа е предодредена за да го покрие Балканот и тоа функционира. Многу Бугари, Босанци, Срби, Грци и Хрвати со своите државни симболи се појавија на патеката и оставија белег во прекрасната слика на настанот. Македонци не бевме многу, за жал како што неофициално дознавме, поради проблем со визите не успејаа да стигнат кога беше планирано единствената организирана група, но сепак ние неколку самоорганизирани го истакнавме македонското знаме на оградата покрај патеката.

А на патеката, очекувано но не многу комотно, Маса доминираше три дена. Како за него да е направена, веќе се чувствува како дома или многу подобро ако забележиме дека во Бразил не е ни блиску до вакви резултати! Неговиот клубски колега и водечкиот во пласманот, Кими како да беше отсутен викендов, правеше тоа што треба да се направи но забележително беше дека не е нешто посебно мотивиран. На тренинзите имаше едно мало излетување од патеката, веднаш после кривина 8, без последици се врати на патеката но гледано отсега, после трката, само ја потврдува негативната амплитуда во биоритамот. Викендов за нас гледачите возеа Хамилтон и Ковалаинен. И двајцата дадоа се од себе да направат нешто повеќе во пласманот и до максимум да ги „исцедат“ новите мотори со кои возеа оваа трка. Тука би прекинал со анализата на F1. Многу медиуми веќе ја опишаа и оценија трката, впрочем таа е централен настан на спортскиот викенд.

Со сите читатели на http://www.ohridnews.com/ би сакал да го споделам моето ново искуство во светот на брзините, а тоа е GP2 сериите за кое досега сум слушал само како сиромашен податок во прилог покрај F1.

GP2 сериите се наследник на FIA Formula 3000 шампионатот, а во суштина се официјалниот регрутен центар за нови возачи во F1.  Фактот дека 1/3 од моментно актуелните возачи во F1 биле шампиони во GP2  го потврдува тоа. 13 тимови со по два болиди се натпреваруваат скоро паралелно со F1 трките. Она што е интересно е тоа што сите 26 болиди се со еднакви перформанси односно еднакви 4-литарски V8 Renault мотори со јачина од околу 600 КС вградени во шасија на Dallara, без никакви електронски помагала и на идентични слик гуми испорачани од Bridgestone. Одличен мегдан за талентираните храбри и полни со адреналин 20 годишни лавови. Со само неколку секунди побавно време по круг од F1 болидите на патеката има што да се види. Трка во вистинска смисла на зборот. Она што понекогаш толку многу фали во „политички оптоварената Формула 1“. Излетувања, судири, чад од гумите при постојаните обиди за претекнување во секоја прилика, одлично тактичко бранење на позиција сето ова можеше да се види викендов на истата патека каде се одржуваше и F1 трката и тоа два пати (GP2 сериите имаат по две трки за еден викенд). Прекрасно доживување за секој љубител на вештината за контрола на брзината, но и големо прашање: дали моменталната F1 е вистинското место за овие млади таленти кои се на патеката за да возат? Тие се докажуваат и возат во GP2 за да успеат да потпишат договор во некој од тимовите на F1, но што потоа? Се задоволуваат со седумцифрениот износ од договорот и се возат нa опашката од колоната во болиди на некој од тимовите како Toyota, Williams, Toro Rosso и Renault (Timo Glock, Kazuki Nakajima, Sebasten Bourdais и Nelson Piquet Jr.) само затоа што нивниот тим не може да им испорача вистински болид и да им овозможи мегдан за трка на каква се навикнале. И еве ви потврда за квалитеот на GP2- Lewis Hamilton. Вистински возач во подготвен тим. Крај на приказната. Ferrari во F1 2007 мораше да направи се за да ги уништи актуелниот и идниот шампион во противничкиот тим и по којзнае кој пат со своето доминантно влијание (читај: пари и светски призната италијанска умешност во корупција) го убие чувството за спортски настан за да ја поврати титулата изгубена пред две години, изгубена повторно од возач Fernando Alonso. Ако настанот се прави со пари, тогаш парите го убиваат духот.

Дали ќе мора да се помириме дека F1 е фабрика за пари и маска за врвно натпреварување во светот на брзите автомобили?! Жално, но вистинито. Се повеќе сум сигурен дека е така. Доволно е да се прошета со здрав разум по штандовите во „F1 селото“ и да се забележи дека машинеријата Ferrari е поскапа за 5-10 евра од сите останати тимови во цените на еднакви производи за фановите. Да, масовна хипноза преку изразита маркетингшка кампања. Уништи се ако можиш да заработиш, ако заработуваш, продолжи до крај така. Прашање на време е кога F-то во името на F1 ќе се замени со Ferrari 1 шампионат.

Но, после искуството GP2, ми останува само да се надевам дека малку повеќе пари ќе се префрлат таму и ќе ни биде овозможено повеќе да бидеме информирани за вистинските трки. Умешноста на џокејот скоро секогаш е поврзана со коњот, но на возачите, за разлика од џокеите, може да им се овозможат еднакви возила за трка?!

GP2 падокот (ергелата) е тоа што им треба на љубителите на вештината на контрола на брзината.

Сите други можат да си бираат маички и капчиња и да живеат во светот на идолите како поклоници на „златното теле“ (во случајов коњче!). Вистината за најдобрите возачи на денешницата е некаде на друго место, поточно во друго време, а на истото место каде и F1, а се нарекува GP2 серија.

Во иднина внимавајте на имињата:
Romain Grosjean (FRA)

Giorgio Pantano (ITA)

Vitali Petrov (RUS)

Bruno Senna (BRA)

Andeas Zuber (UAE/AUT)

Поздрав до сите читатели на порталов,

Од Истанбул,

Никола Т

P.S.

Во прилогов изразив мое лично убедување и гледиште на актуелните збиднувања во F1, без претензии за некого да навредам или одвратам од неговата перцепција за F1. Доколку се согласувате или не се согласувате со изнесените ставови, вашите реакции испратете ги на [email protected] за да можеме навреме да се организираме за посета на некоја од следните трки.