Со впечатлива и беспрекорна театарска игра актерот и режисер, Петар Темелковски ја воодушеви охридската публиката на вчерашната изведба на монодрамата „Јане Сандански-100 години после“.
Во својот монолог на сцената, Темелковски донесе потресно сведоштво играјќи ја улогата на Сандански кој бил убиен во заседа, иако тој многу повеќе бил душевно повреден кога Македонија била распарчена на три дела по поделбата во Букурешт.
Во претставата освен историски извори, материјали, факти и документи, биле користени и коментаторски лични ставови на актерот. Според Темелковски, историјата на Македонија е запечатена во Светото писмо од Стариот до Новиот завет и ние нема што да го докажуваме и одново и одново да го објаснуваме нашиот национален идентитет.
-Окупаторите може да кажуваат и прават што сакаат, но Македонија никогаш нема да може да ја погубат. Македонија е горда на своите синови кои храбро, истрајно, посветено, чесно и достоинствено се бореа за слобода. Ние имаме богата историја и уште пред 2000 години, светиот апостол Павле во неговото послание до Солунјаните пишува колку великодушни и со кротки срца биле Македонците. Затоа треба да го одбраниме тој свет повик да бидеме вистински Македонци и да живеееме братски, со добра душа, чисто срце, чесност и благородни идеи за да не можат да го разнебитат нашето национално ткиво, порача Темелковски.
Тој во изјава за медиумите ги објасни причините и мотивите да го игра токму Јане Сандански.
-Македонија и денес не е призната, таа е понижена, девалвирана, уценувана, плукана, потценета….Делчев, Сандански, Никола Карев, Ацо Караманов и многу други војводи ја дадоа сета своја крв и не се двоумеа да го положат својот живот. Александар Македонски го промени од корен начинот на размислување во светот, Филип и Алексндар се вистински императори затоа што никогаш не загубиле ниту една битка. Се чувстував повикан да почнам да правам монодрами и тоа повеќе со национална тематика, историска содржина и моќна порака за разбудување на националните чувства за Македонците да разберат колкава била цената за нашата слобода која и денес упорно некој сака да ни ја узурпира, истакна Темелковски.
Покрај улогите во многу македонски театарски претстави и филмови, Темелковски до сега има изведено и повеќе монодрами со адаптирани текстови од Никола Јонков Вапцаров, Кочо Рацин, Видое Подгорец, Славко Јаневски, Јордан Плевнеш, како и монодрами кои биле посветени на личности како Филип Втори, Свети Апостол Павле и Јустинијан Први.
Инаку оваа година на 22-ри април се навршија 100 години од убиството на револуционерот Јане Сандански. Тој бил убиен на подмолен начин со што македонското револуционерно дело доживеало една од најголемите трагедии во својата историја.
Монодрамата „Јане Сандански 100 години после“ беше премиерно изведена на 19-ти мај 2015 година на сцената на Драмски театар во Скопје.
Ивана Чичоска