И ова лето граѓаните кои живеат во стариот дел на градот Охрид, се жалат на проблеми во туристичката сезона по поставувањето на рампите за регулирање на сообраќајот во овој дел од градот. Велат дека се пропуштаат возила кои немаат картици за пристап и истите често несоодветно се паркираат пред гаражи, влезни врати од куќи, блокирајќи ги влезовите и цели улици.
За да се заштитат, немоќните граѓани се обидуваат да изнајдат решение за таквиот проблем на улиците поставувајќи триаголници, синџири, табли, столпчиња и други препреки како би овозможиле нормално функционирање на сообраќајот во тој дел на градот. Но, од страна на инспекторатот на 03.08.2021 година наводно селективно се доставени опомени на жители од ул. Христо Узунов кои мораат проблемот сами да го решаваат со ставање на препреки, стои во Претставката што група граѓани од Стар град деновиве ја испратиле до Општинскиот инспекторат.
Од институцијата, пак, се децидни, сите препреки мора да се отстранат.
Сите препреки кои не се во согласност со Законот за безбедност во сообраќајот (триаголници, синџири, табли, столпчиња и други препреки) мора да бидат отстранети. Доколку не бидат отстранети во најбрз можен рок, ќе бидат отстранети од страна на Општина Охрид на Ваш трошок стои во опомената од инспекторатот.
Дел од жителите од ул.„ Христо Узунов“, група на граѓани од стариот дел на градот во поднесената иницијатива до Одделението за инспекциски надзор-Инспекторат при општина Охрид, очекуваат да бидат преземени мерки за решавање на проблемите со кои се соочуваат, во спротивно ќе бараат одговорност.
Ваквата ваша одлука ја сметаме за крајно несериозна и доколку и во иднина продолжат вакви вознемирувања-малтретирања ќе бараме одговорност пред надлежни институции, исто така ќе бараме да се отстранат прво возилата кои немаат картици за пристап во стариот дел на градот (ги има многу, не знаат да паркираат на место каде се паркираат три возила тие паркираат едно блокирајќи ги другите), да се отстранат сите хаварисани возила кои седат и по повеќе и од 10 години на некои улици, да се отстранат и рампите кои се неефикасни, а сите граѓани ги плаќаат. Секоја несоодветна мерка од ваша страна ќе ја сметаме за селективна, нееднаква за секој жител, па во иднина ќе се бара и одговорност, се вели во иницијативата од група на граѓани од стариот дел на градот, велат жителите во преставката.
Инаку, рампите за влез и излез во стариот дел на градот, ставени беа во функција од 1 јули. Со ова моторните возила можат непречено да сообраќаат, само доколку поседуваат картичка за движење во овој дел од градот. Оваа мерка е дел од утврдениот режим на сообраќај за старото градско подрачје и Правилникот за издавање на картички за движење на моторни возила, информира градските власти. Правните лица дотур на стока во стариот дел на градот можат да врашат само преку влезот кај „Горна Порта“ во утринските часови во периодот од 05:00 до 10:00 часот. За такси компаниите кои вршат такси превоз не се издаваат посебни картички и тие се пропуштаат во стариот дел на градот исклучиво само од влезот кај „Горна Порта“. Гостите во сместувачките капацитети може да влезат со своите возила во стариот дел на градот, само за да извршат истовар на патници и багаж. Доколку возилата бидат непрописно паркирани ќе бидат отстранети со асистенција на пајак службата, информираа локалните власти.
Н.С.Ј