Денес, по повод Светскиот ден на велосипедизмот, од 11 часот во СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ ќе се одржи ревијалниот настан „Вози велосипед, уживај и профитирај“. Настанот е организиран од здружението за едукација, култура и младински активизам Граѓански Интегритет – Охрид и е поддржан од Општина Охрид и локални бизниси.
Овој иновативен проект е посветен на физичката видливост на бизнис-идеjата за рекламирање на компании преку кампања заснована на велосипеди. Со вклучување на велосипедизмот во животниот стил, велосипедистите не само што можат да уживаат во физичките и менталните придобивки туку можат и потенцијално да заработат приход од рекламирањето компании и да развијат вредни вештини, велат организаторите.
Во првиот дел, посочуваат, предвидено е теоретска обука за безбедност на сообраќај од страна на претставник од СВР Охрид и практична обука за стекнување на велосипедски вештини од страна на претставник од велосипедски клуб.
Вториот дел од настанот кој започнува во 12:00 часот ќе има тура со велосипеди во урбаните области придружена од претставници на СВР Охрид. По турата, учесниците ќе имаат организирана забава со диџеј, забавни и спортски активности, освежување и подароци. Настанот е наменет за забава, дружење, промоција на бизнис-идејата и на здравите животни навики, додаваат организаторите.
Потенцираат дека настанот не е со натпреварувачки карактер и најважно е сите учесници не само да пренесат влијателни маркетинг-пораки на компаниите, туку и да се промовираат еколошки алтернативи за транспорт и да се поттикне ангажманот на локалната заедница.
OhridNews