Во текот на изминатиот викенд, полициски службеници од Отсекот за превенција и Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај при СВР Охрид, на подрачјето на охридските села Орман, Долно и Горно Лакочереј, како и на повеќе улици кои гравитираат кон тие населени места, ја реализираа сообраќајно едукативната кампања „Вози одговорно-почитувај ги сообраќајните правила“.

Кампањата доаѓа по претходни согледувања на полициските службеници дека на улицата „Радојца Новичиќ“ и низ другите улици во овие населени места, зголемен е интензитетот на сообраќај со нагласено учество на трактори со тракторски приколки и други работни приклучни мобилни машини кои во овој период ги користат земјоделците. Целта на кампањата е низ непосредна комуникација со возачите на моторни возила, да им се укаже на потребата од внимателно и совесно возење, како и строго почитување на сообраќајните знаци и другите сообраќајни правила и прописи со цел, зголемена сообраќајна безбедност, велат од СВР Охрид.

На возачите, посочуваат, им беа поделени летоци со едукативни практични совети за одговорно учество во сообраќајот, за потребата од прилагодена брзина според сообраќајните знаци, како предуслов за избегнување на сообраќајни незгоди, како и со казнените одредби при кршење на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата.

Кампањата, спроведена со поддршка на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата ќе се реализира и на останатите подрачја што ги покрива СВР Охрид, додаваат.

OhridNews

фото. Архива