Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) апелира до учесниците во сообраќајот да бидат внимателни, одговорни и подготвени за безбедно управување на возилото при услови на влажни коловози, пониски температури и есенски и зимски услови на патиштата.

За ваша и безбедност на сите учесници во сообраќајот, за непречено пристигнување на посакуваната дестинација, посочуваат, направете редовна зимска проверка на возилото со посебен акцент на проверката на системот за управување, системот за запирање, пневматиците, електрониката итн.

РСБСП препорачува возачите да ја намалат брзината при услови на влажни коловози, пониски температури и есенски и зимски услови на патиштата.

Во услови на ниски температури и обилни врнежи од дожд или снег, очекувана е појавата на голомразица на патот, влажни и лизгави коловози, особено ако патувате во раните утрински или доцните вечерни часови. Затоа бидете внимателни, прилагодете ја брзината според условите на патот и запомнете дека најважно од сѐ е живи, здрави и безбедни да пристигнете на посакуваната дестинација, велат од РСБСП.

Нагласуваат дека возачите треба да држат безбедно растојание и да бидат предвидливи.

Лошите временски услови и непогодната состојба на коловозите влијаат на сопирачкиот пат на возилото. Затоа, држете безбедно растојание и внимавајте на однесувањето на другите учесници во сообраќајот. За безбедно одвивање на сообраќајот при дожд, влажни и замрзнати коловози особено важно е вашите постапки во сообраќајот да бидат најавени, очекувани и предвидливи. Согласно тоа, редовно користете трепкачи и избегнувајте нагли дејствија како нагло свртување, нагло запирање, забавување или забрзување на возилото, посочуваат од РСБСП.

Препорачуваат да се вози внимателно во услови на магла.

Секогаш кога се движите низ магла, прво намалете ја брзината и вклучете ги соборените светла и светлата за магла (доколку поседувате такви светла). Почитувајте ги ограничувањата на брзината и не престигнувајте друго возило сè додека вашето видно поле не стане чисто и прегледно, а вашето престигнување безбедно, прецизираат од РСБСП.

Како клучна за безбедно одвивање на сообраќајот во есенски и зимски услови ја истакнуваат техничката исправност на возилата и им препорачуваат на возачите да направат техничка проверка на возилото.

При есенски услови на патот, посебно важно е да управувате технички исправно возило. Искуствата покажуваат дека при пониски температури и влажни и лизгави коловози, на површина излегуваат сите неисправности на возилото. За ваша и безбедност на сите учесници во сообраќајот, за непречено пристигнување на посакуваната дестинација, направете редовна зимска проверка на возилото со посебен акцент на проверката на системот за управување, системот за запирање, пневматиците, електрониката…, велат од РСБСП и потсетуваат дека безбедноста во сообраќајот зависи од сите нас.

Според нив, доколку сите бидеме внимателни и одговорни во сообраќајот, доколку сите ги почитуваме сообраќајните правила и прописи, бројот на сообраќајни незгоди и бројот на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди значително ќе се намалат.

OhridNews