Бидејќи Марија(Богородица) била измолена со солзи и ветена да му служи на Бога нејзините родители кога наполнила една година сакале да ја одведат во храмот. Но се плашеле дека малото девојче може да плаче за нив па се одлучиле тој чин да го направат кога ќе наполни три години. И така кога наполнила три години останувајќи доследни на ветувањето, а и исполнувајќи го долгот кон Бога, ја повеле во храмот.
Во свечената поворка што три дена патувала од Назарет до Ерусалим најнапред оделе девојчиња променети во бела облека, со запалени свеќи во рацете, по нив Јоаким и Ана ја воделе малата Марија, а по нив оделе многу роднини и пријатели. Пред храмот свечената поворка ја пречекале свештеници на чело со првосвештеникот Захарие пеејќи црковни песни. Во храмот се влегувало по скали со 15 степеници. Родителите ја оставиле Марија на почетокот на скалите и таа самата се искачила со сила и сигурност на многу поголема возраст. Таму ја пречекал првосвештеникот Захарие кој на општо изненадување на насобраниот народ, а по божја повелба ја внесол во местото „Свјатаја свјатих“, каде што никој не смеел да влезе, а и првосвештеникот влегувал само еднаш во годината и тоа на празникот на очистувањето. И ова е поврзано со идната улога на Богородица, мајката на Исус Христос. Потоа Јоаким и Ана принесле жртва, се простиле со Марија и се вратиле дома.
Во храмот Богородица останала 12 години. Тука живеела заедно со други девојчиња, пееле црковни песни, го читале светото писмо и учеле некои домашни работи како везење, плетење и сл. Била послушна кон сите и затоа сите ја сакале и почитувале. Така во овој храм Пресвета Дева Марија се подготвувала за идната слава што ја очекувала.
Во спомен на овој настан, воведувањето на тригодишната Марија во храмот, светата црква го востановила празникот Воведение. Овој празник меѓу народот е познат и како Света Пречиста.
Јасмина Т. Момироска