Поради обилните врнежи и од дожд кои деновиве го зафатија подрачјето на општина Струга дојде до нарушување на квалитетот на водата за пиење од градската водоводна мрежа во Струга, каде на повеќе мерни места е констатирана матност со вредности значително поголеми од законски пропишаната, информира Регионалниот Центар за јавно здравје – Охрид. Поради тоа Агенцијата за храна и ветеринарство донесе Решение за забрана за користење на водата запиење од градскиот водовод во Струга на оние места каде констатирано отстапување од Правилникот за безбедност на вода.

Од МЈП „Проаква“ велат дека проблемот се повторува постојано при вакви временски услови, но дека состојбата се следи и соодветно се реагира.

Секоја година ги имаме истите проблеми после вакви дождови. Гледаме што побрзо да го санираме тоа. Веднаш постапивме по забелешките на институциите кои го следат квалитетот на водата. Уште одма ќе се изврши испуштање на водата од цевководите и чистење на резервоарите. Тоа што можеме веднаш да го направиме, ќе го направиме. – изјави директорот на МЈП Проаква Владимир Алексијоски.

Покрај во Струга, заматување на водата има и во Велгошти, охридско. Алексиојоски посочи дека е вообичаено за природни извори да дојде до заматување на водата, и дека тука не може ништо да се направи. Истакна дека водата хемиски и бактериолошки е исправна за пиење и ги содржи потребни количини хлор.

Многу тешко нешто може да се направи затоа што користиме природни изворишта коишто после вака подолг сушен период самата површина се промива и доведува до заматување на водата за пиење, која освен во тој сегмент е исправна за користење. – додаде Алексијоски.

Директорот на МЈП Проаква истакна дека секојдневно ќе се следи состојбата со водата за пиење на критичните места и истата ќе биде забранета за користење до нејзино избистрување.

Г.М.

Матна е водата за пиење во Струга