Потпишан меморандум за соработка помеѓу Алпинистички клуб Патагонија, здружението на љубители и поддржувачи на НП Галичица и здружението ЕКО ФАП од Охрид во просториите на Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид.

Со потпишувањето на овој меморандум, се формализира и продлабочува соработката, која трите невладини организации од Охрид, ја развиваат подолг временски период. Продлабочувањето на соработката, се наметна како логична потреба по искуството од справувањето со последниот голем пожар на Галичица, од направената анализа на јаките и слабите страни на заедничкото делување на терен, како и од потребата за постојано надоградување на капацитетите за поефикасно и покоординирано делување во иднина и тоа не само во насока за справување со пожари, туку и во насока за зголемување на безбедноста на посетителите, како и за спречување на други штетни влијанија врз природните вредности на територијата од Национален Парк Галичица, велат од Алпинистичкиот клуб Патагонија.

Во интензивните разговори кои му претходеа на потпишувањето на меморандумот, посочуваат, претставниците од трите организации се согласија дека координираниот пристап во иднина, покрај тоа што ќе влијае за подобрување на безбедноста на посетителите и зачувување на природните вредности на паркот, ќе резултира и со поголема ефикасност во реализацијата на сопствените цели на организациите, кои во случајов делуваат во сосема различни области, но нивните активности во најголема мера се фокусирани на територијата од НП Галичица.

Со формализирање на соработката, се отвораат и можности за подготовка и реализација на заеднички проекти, со цел надградба на материјално техничкиот капацитет на трите организации, додаваат.

Потпишувањето на меморандумот, е поддржан и поздравен од Јавната установа Национален парк Галичица и од Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид кои во иднина ќе продолжат да ги поддржуваат иницијативите и активностите на трите организации.

OhridNews