Фудбалскиот клуб Воска Спорт по пат на бараж обезбеди билет за учество и официјално следната сезона ќе биде дел од Втората македонска фудбалска лига-запад. Покрај охридскиот клуб во Втората лига ќе игра и Беса 1976.

Воска Спор и Беса остварија две победи над Фортуна во баражот што беше доволно за пласман на двете екипи на првите две позиции на табелата. Воска Спорт победи со 4-2, додека вчера Беса славеше со 6-3.

Екипата од „Грашница“ по повеќе од две децении ќе биде дел од второлигашкото друштво, а сигурно ќе биде супер интересно бидејќи и Охрид е дел од екипите учесници. Покрај Воска Спорт, Беса и Охрид, во Втората лига партиципираат Вардар, Силекс, Гостивар, Кораб, Тетекс, Кадино и Велешта.

Новата сезона во Втората лига треба да започне во втората половина од август месец.

OhridNews