Фудбалерите на Македонија Ѓорче Петров, Воска и Тиквеш обезбедија пласман во полуфиналето на Купот на Македонија по денешните некомплетни четвртфинални пресметки.

Бранителот на трофејот Македонија ЃП го совлада на домашен терен Силекс со 1-0, а со идентичен резултат Воска триумфираше на гостувањето во Штип против Брегалница.

Во Кавадарци, фудбалерите на Тиквеш и Брера одиграа нерешено 1-1 по регуларните 90 минути, а пласман меѓу четирите најдобри екипи по изведувањето пенали обезбеди домашниот тим.

Четвртфиналниот дуел меѓу Работнички и Шкупи, што беше закажан за попладнево од 13 часот е одложен откако обилните врнежи од дожд го поплавија теренот на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари.

Натпреварот, според пропозициите, е одложен за 24 часа.

OhridNews