Со отварање на изложбата „Градска облека Ала Турка“ вчеравечер беше пуштен во употреба реконструираниот „Воска амам“ во Охрид . Изложбата на која беа претставени дваесетина традиционални делови од турска облека изработена од кадифе и срма ја организираше Националната установа Завод и Музеј од Охрид.


Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска рече дека парчињата презентирани на изложбата за миг ќе ве однесат во историјата и ќе ве  запознаат со убавината на градската облека која била карактеристична за градот Охрид.

-Фустаните од скапоцени материјали, кадифе,  богато украсени со вез од срма, европските костуми, панталони, елеци се само дел од градската мода што го отсликува културно историскиот развој на Охрид, особено развојот на градската облека  со ориентален стил  Ала турка, рече Канческа-Милевска.


Таа нагаласи дека богатството од градска облека, карактеристична за одреден период од развојот на Охрид, која е сведок за едно време, е во совршен склад со  значајниот и раритетен споменик на културата Воска амам  кој повторно го доби својот сјај.

-Воска амамот е еден културен објект кој ќе биде интересен не само за охриѓани туку и за сите  посетители на овој град. Тој претставува значаен белег на османлиската архитектура со извонредно  богата елегантна декоративна орнаментика карактеристична за амамите од тој период  и декорирани мермерни чешми карактеристични за објекти од ваков вид, кој во минатото играл значајна улога во социјалното здружување на охридското, потенцираше Канческа-Милевска.


Заменик-претседателот на Владата на Република Турција, Бекир Боздаг, кој беше дел од свеченото оторање на Воска амамот рече дека Република Македонија е пример во кој различните култури, во мир и слога да имаат соживот и разбирање.

-Македонија била престолнина и лулка на повеќе цивилизации во нејзиното историско минато. Тоа што дела од различни култури и цивилизации опстојуваат едни покрај други е едно големо богатство за оваа земја. Сакам да му честитам  на македонскиот народ на уметноста и доблеста да можат да живеат во слога и разбирање во едно развиено мултикултурно општество, рече меѓудругото  Боздаг.


Тој истакна дека Турција и Македонија се пријателски земји и дека имаат воспоставено добра соработка на многу полиња и очекуваат истата да  продолжи и во иднина.

Инаку стариот турски амам во населбата Воска, кој долги години наликуваше на депонија, се реновираше неодамна со помош на  турската  агенција за развој  ТИКА.

Е.М