Во здравствените домови во земјава денеска ќе започне вонредна вакцинација против заушки. Со неа ќе бидат опфатени деца од 15 до 19 години, кои воопшто не биле вакцинирани, или пак примиле само една вакцина, соопшти Министерството за здравство.
         
Вонредната вакцинација се спроведува по зголемениот број заболени од заушки, кој деновиве се искачи на 1.444. За разлика од Скопје, Струмица и некои други општини во земјава, во Охрид состојбата со заушки не е алармантна, информираат надлежните.

„До сега во нашиот град се регистрирани само 4 случаи на заболени од заушки“, ни изјави раководителот на Заводот за здравствена заштита -Охрид, Атанаско Михаилов. Тој вели дека состојбата се следи согласно инструкциите кои ги добиваат заводите од ресорното министерство. Во Охрид таа е целосно под контрола, а за превенција формирана е дежурна служба која е задолжена за регистрација на евентуалните случаи на заушки која работи и во вечерните часови, додава Михаилов. Тој информираше дека ЗЗЗ-Охрид очекува натамошни упатства за начинот на кој ќе биде спроведена најавената вонредна вакцинација.

Ohridnews