Управата за извршување на санкциите на 13-ти овој месец спроведе вонреден стручен надзор во КПД Идризово со цел да се утврдат сите околности кои довеле до тоа да се случи бегството на осуденото лице Беким Мемети, информираат денеска од Министерството за правда.
Со оглед на фактот, како што велат од Министерството за правда, што учесниците во настанот кои се припадници на затворската полиција (освен повредениот затворски полицаец) уште во текот на ноќта морале да се упатат во просториите на надлежниот сектор на МВР, а со нив и Командирот на одделение кој го координира настанот, службените лица од Управата не биле во можност со истите да разговараат, туку за текот на настанот беа информирани од директорот на КПД Идризово и од Заповедникот на затворската полиција во оваа установа.
Со ова соопштение сакаме да нотираме во кој дел не е постапено во согласност со Правилникот за овластувањата на затворската полиција, начинот на вооружување и вршење на работите на затворската полиција врз основа на кој е пропишана и постапката за спроведување вон установата, истакнуваат од Министерството за правда.
Како што е наведено во соопштението, за да биде едно осудено лице спроведено за интервенција до здравствена установа, за неговата здравствена состојба мора да се подготви упат од здравствен работник, т.е. лекар во установата, или вон работното време со констатација и напатствие дадено од екипа на итна медицинска помош која во овој случај не била повикана.
Одлуката за да може осудениот да биде спроведен до Клинички центар ја донел Командирот на одделение и ја потпишал Наредбата за да се изврши спроводот. За да ја потпише оваа наредба Командирот мора претходно да го извести директорот на установата, што во овој случај не е направено, а директорот откако ќе биде запознаен со здравствениот проблем усно ќе даде овластување наредбата да биде потпишана, посочуваат од Министерството за правда.
Следното правило што не е испочитувано, како што е посочено во соопштението, е што осуденото лице наместо да биде сместено во специјално обезбедениот дел од возилото, истото по предлог на командирот било сместено во вториот дел на седиштата помеѓу два припадника на затворската полиција.
Притоа, затворскиот полицаец кој седел до осуденото лице воопшто немал со себе огнено оружје кое бил должен да го носи, а вториот затворски полицаец од кого е одземен пиштолот со кој е пукано во возилото, не се однесувал со должно внимание и не го спречил дејствието при кое пиштолот му е одземен, се додава во соопштението.
Управата за извршување на санкциите информира дека Командирот на одделение и припадниците на затворската полиција кои го вршеле спроводот со одлука на директорот на КПД Идризово, истиот ден се суспендирани од своите работни места.
OhridNews