Со прекрасни изведби на новогодишни и божиќни песни, ѕвонливите гласови на распеаните дечиња од детскиот хор при Културно-уметничкото друштво „ЃЕРДАН ОД БИСЕРИ“ и дечињата од „Распеано рибарче“, го најавија завршниот настан од традиционалната хуманитарна акција на Црвен крст Охрид, „ВОЛШЕБНА ЕЛКА“ кој денес на пладне се одржа во комплексот KAM Village.

Пред бројните посетители, деца, родители, настап имаше и музичкиот бенд на Црвен крст Охрид „HUMANE-ХУМАН“ кој го сочинуваат талентирани млади музичари од Клубот на млади на Црвен крст Охрид.

Многу наши хумани сограѓани, институции, здруженија, поединци, се вклучија во оваа хуманитарна акција, купувајќи соодветни подароци, означени во волшебните лампиони, како исполнување на новогодишните желби на преку 50 дечиња што живеат во социјален ризик од Охрид и Дебрца, информира Црвент крст Охрид.

Креативните и неуморни реализатори на целата хуманитарна акција и овој завршен настан во месец декември, месецот на дарување, беа волонтерите и вработените во Црвен крст Охрид, во партнерство со KAM Village.

Изразуваме благодарност до нашиот партнер во оваа акција KAM Village, до сите основни училишта во Охрид и Дебрца за соработката и благодарност за учеството и поддршката во реализација на оваа акција на сите поединци, институциите, здруженија. Нека хуманоста и дарувањето биде ваш императив и во Новата 2025 година, порачуваат од Црвен крст Охрид.

Волшебната елка ги исполни желбите на педесеттина дечиња што живеат во социјален ризик 

OhridNews