Фудбалерите на Рома ставија точка на серијата без победа. „Џалоросите“ со сигурна игра стигнаа до убедлива победа (3-0) против Киево на гостувањето во Верона во 23-та рунда од италијанската Серија А.
Триумфот на Рома значи многу повеќе од три бодови, бидејќи фудбалерите минатите мечеви играа под своето ниво и се најдоа на удар од навивачите, а тренерот Еузебио ди Франческо на излезни врати од клубот. „Волчицата“ после победата зачинета со добра игра со голема самодоверба ќе го пречека мечот со Порто на 12 февруари на Олимпико во 1/8 финалето.
Рома победата во Верона ја најави после 20-тина минута игра во кои постигна два погодоци. Резултатот го отвори Ел Шарави во 9-та минута, а во 18-та Џеко зголеми на 2-0. Печат на победата стави Коларов со погодокот во 51-та минута.
Со трите бодови Рома го симна Лацио од 4-та позиција и најави дека ќе се бори за последното место на табелата кое води во Лигата на Шампиони.
OhridNews