Пригодна свеченост по повод испраќањето на вториот контингент од Втората механизирана пешадиска бригада во мировна мисија во  Авганистан се одржа денеска во  гарнизонот „Михајло Апостолски“ во Охрид.

Македонскиот контингент брои 126 мировници и ќе биде во составот на британските сили за обезбедување на командното место во Кабул. Ова е втора ротација од ИСАФ аранжманот. Во Авганистан се наоѓа и првиот контингент од 90 македонски војници, кои во земјава ќе се вратат за еден месец, а во Авганистан е и медицинскиот тим во составот на грчката полска болница.


Спремни за сите задачи – дел од нашите војници

 
Македонија со денешното испраќање на вториот контингент војници  го надминува бројот од 210 војници за колку што најавуваше дека има капацитет.
 
Заменикот на началникот на ГШ генерал мајорот Адил Газафер им посака успешна мировна мисија на војниците, а командантот на здружената оперативна команда генерал мајорот Атанас Јовчески рече дека македонските војници достоинствено ќа ја претставуваат и армијата и државата во борбата против тероризмот и во одбраната на вредностите на демократскиот свет. Македонија се потврдува како партнер на НАТО и сериозен кандидат за членство во алијанста, рече Јовчески.


Командантот на контигентот капетан прва класа Мице Котески рече дека единицата е максимално подготвена да ги извршува сите поставени задачи.

Претходницата на вториот контингент мировници за Кабул заминува утре, додека остатокот за Авганистан патува на 11 јануари.

За прв пат во составот на мировните мисии од Македонија има и жена војник, тоа е водникот Сашка Трајковска (слика насловна) која е дел од мировната мисија во Авганистан која ќе трае 6 месеци.


Г. Момироски
С. Костоски