Војдан Стојановски од Амак СП ќе биде прогласен за најдобар кошаркар во Македонија за 2008 година, во изборот организиран од Кошаркарската федерација на Македонија. Ова е исходот од гласањето на 12 медиуми, кои одлучија индивидуалниот учинок на младиот Стојановски да биде клучен во изборот.

Иако Стојановски не освои титула со клубот чиј дрес го носи неколку сезони, тој со своите добри игри во текот на минатата сезона си најде место и во репрезентацијата на Македонија.

Војдан во 2007 беше најдобар млад играч, а му требаше само една година да дојде и до ова значајно признание. Стојановски се промовира како еден од најопасните поентери и одбранбени играчи во Првата лига и беше лидер на охридскиот клуб, кој заврши на трето место во лигашкиот дел од сезоната, а во плејофот беше елиминиран во четврт-финалето.

Стојановски летоска го носеше дресот на репрезентацијата и ќе биде сериозен кандидат да ги брани „црвено-жолтите“ бои и во септември на Европското првенство во Полска. Во гласањето Стојановски доби шест гласа, а по два имаа членовите на Фени Индустри, клуб што ја освои двојната круна: Горан Самарџиев, Доналд Кол и Златко Гоцевски.

Ohridnews