Би-Би-Си под наслов „Македонија монтира огромна статуа и покрај кавгата со Грција“, пишува дека во центарот на Скопје започна составувањето на споменикот на Александар Македонски, официјално именуван како „Воин на коњ“.
„Грција, која има своја провинција наречена Македонија, се противи на правото на Скопје да се повикува на наследството на Александар. Тензиите меѓу Македонија и Грција го блокираа влезот на екс-југословенската република во НАТО и нејзиниот прогрес кон ЕУ“, јавува Би-Би-Си.
Австралиски „Хералд Сан“ под наслов „Македонија подигнува огромна статуа на Александар“, пишува дека споменикот ќе предизвика лутина меѓу Грците, кои го сметаат античкиот херој за свој.
“Властите официјално статуата, дизајнирана од скулптурата Валентина Стевановска, ја нарекоа Воин на коњ како обид да ги спречат грчките противења, но ликот открива бројни сличности со античкиот лидер. И Македонија и Грција тврдат дека Александар Велики е нивен“, пишува „Хералд Сан“, повикувајќи се на агенцијата Франс-Прес.
Грчко-македонските односи не се одминати ниту во веста на агенцијата Асошиејтед Прес за поставањето на споменикот. Под наслов „Предизвикувајќи ја Грција, Македонија почна со поставување на огромна статуа на Александар Велики“, пишува за недоразбирањата меѓу двете земји поврзани со античкиот војсководец.
“Атина го обвинува својот сосед за создавање лажна врска со нејзиното античко наследство и бара од поранешната југословенска република да го промени своето име со цел да не имплицира територијални барања врз нејзиниот северен и поголем регион Македонија“, јавува АП.
Веста за поставувањето на споменикот се најде и во бројни медиуми од блиското и поширокото соседство на Македонија.
извор: „Макфакс“