Свеченото пуштање во употреба на водоводот во селото Октиси се претвори во вербален судир на лутите политички ривали од локалните избори, градоначалникот на Струга Рамиз и Мерко и лидерот на ПЕИ Фијат Цаноски.


Без најавеното присуство на министерот за транспорт Миле Јанакиески и градоначалникот Мерко, водоводот во Октиси во употреба  го пушти пратеникот Фијат Цаноски.


Градоначалникот Мерко ни изјави дека официјално свеченото пуштање во употреба на водоводот е одложено поради самоволие на Фијат Цаноски. Мерко го обвини Цаноски дека поставил паралелна бина и ја опструирал закажаната свеченост, која морала да биде одложена како и чинот на пуштање на водоводот во употреба.


Наспроти ова пратеникот Цаноски кажа дека водоводот во Октиси денеска е пуштен во употреба и дека градоначалникот Рамиз Мерко не се појавил на свеченоста, но и дека тој не гледа причина зошто тој требало да биде таму. Според Цаноски изградбата на водововодот со кој се решава деценискиот проблем на жителите на Октиси е финансирана од Владата, а локалната самоуправа ја опструирала реализацијата на проектот.


Во врска со случувањата во Октиси со став излезе и Министерството за транспорт и врски, во кој се наведува дека водовот е пуштен во употреба без формалности за да се избегнат политички манипулации:

„За Министерството за транспорт и врски е најважно дека жителите на струшкото село Октиси, после долги години конечно ќе имаат чиста и здрава вода за пиење како резултат на инвестицијата на Владата на Република Македонија во износ од 7.500.000 денари. Со цел да се спречат политички манипулации, како резултат на локалните избори, Министерството за транспорт и врски одлучи водоводот да биде пуштен без формална свеченост по повод тој чин’.

Новиот водовод кој исклучиво е наменет за Октиси е со капацитет 25-40 литри вода во минута и се снабдува од главните резервоари што се наоѓаат во Горна Белица.

Ohridnews