Овие информации денеска ги изнесе в.д. директорот на Проаква, Бранко Трпчески, кој за пропустите во изградбата на водоснабдителниот систем за што општините Охрид и Струга од ЕБРД преку КФВ банката добија кредити и грант во висина од 9 милиони евра, го обвини надзорот на проектот, Ричард Симпсон, од ГКВ банката од Холандија.
Гарантниот рок за изградениот водовод изминува на 23 март поради што МЈП Проаква бара Надзорниот одбор да ги обезбеди потребните средства за санирање на пропустите за што според првичните проценки само во делот за Охрид се потребни 2 милиони евра. Од Проаква тврдат дека за пропустите во изградбата на водоснабдителниот систем кој почна да се гради во 2002 година било писмено реагирано на повеќе наврати и до инвеститорите и до назорниот одбор.
Тој најави дека ќе бидат известени Владата, градоначалниците на двете општини, евроамбасадорот Фуере, како и МВР од кое ќе биде побарано да преземе мерки за расветлување на случајот во кој од МЈП Проаква се сомневаат дека има елементи на криминал.
Од Проаква информираат дека меѓуопштинското јавно претпријатие не поседува документација за капиталните проекти што беа изведени во изминатите години во кои се инвестирани преку 20 милиони евра, и дека додека не се расчистат сите спорни работи не може да дојде до најавената поделба на Проаква.
Г. Момироски
Фото: С. Костоски