Здружението на граѓани „Богојавление“ го објави огласот за избор  на кум  за “ВОДИЦИ 2010“. Изборот ќе трае од 7-ми ноември до 04.12.2009, кога на работен состанок што ќе се одржи во малата сала на општината ќе се одлучува по пристигнатите понуди.

Заинтересираните кандидати понудите може да ги испраќаат на следнава е-mail адреса: [email protected],како и на адреса “Ресторан – Св.Софија” 6000 , Охрид. Кумовите мора да бидат од православна, христијанска вероисповед, како и да се придржуваат кон христијанските традиции врзани со овој празник.

Како новина, „Богојавление“ за празникот Водици 2010 година за прв пат одлучи да се направат два идентични крстови. Едниот ќе биде за фаќачот на крстот , а другиот ќе биде подарен на црквата Св. Никола. „Богојавление“донесе и одлука парично да се помогне изградбата на манастирот Св.Јован Бигорски, а  сумата дополнително ќе биде утврдена.

За претстојниот празник ќе бидат изработени брошури за христијански обичаи, а здружението испрати и апликација Водици во Охрид да влезат во Гинисовата книга на рекорди како најмасовен верски обичај на фаќање на чесниот крст на празникот Богојавление.

Г. Момироски