Богојавление – Водици е еден од најсветите денови за охриѓани, празник со душа, ден кој го чекаат цела година. Неможе да се пренесе со зборови возбудата која жителите на Балканскиот Ерусалим ја чувствуваат на денот на осветувањето на водите во Охридското Езеро, но и денови претходно. Единствено што може е да се дојде и да се почувствува магијата и светоста на овој ден.

Водици низ објективот на Емил Јовановиќ:

Чествувањата по повод празникот Богојавление – Водици започнаа утрово со богослужби во охридските парохиски цркви на кои присуствуваа голем број верници.

Светиот крст во водите на Охридското Езеро беше положен од градското пристаниште, а чинот на полагањето го изврши Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.

Најсреќен помеѓу неколкуте стотини капачи беше Мартин Гоџо, кој вторпат го фаќа светиот крст.

Во Охрид на денешниот ден присуствуваат претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, министрите за транспорт и внатрешни работи, Александар Николоски и Панче Тошковски, градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, пратениците во Собранието од Охрид, генералениот секретар на ВМРО-ДПМНЕ,  Ѓорѓија Сајкоски и претседателот на СДСМ Венко Филипче.

Настанот на градското пристаниште во Охрид го проследија неколку илјади граѓани од Охрид, земјава и светот.

За безбедноста на капачите се погрижија екипи на Црвен крст Охрид, како и членовите на нуркачките здруженија.

Одбележувањето на големиот верски празник Богојавление-Водици се одржува во организација на Дебарско – кичевската епархија и локалната самоуправа, а со поддршка на јавните претпријатија, здравствените установи, ТППЕ Охрид, СВР Охрид.

Водици низ објективот на Анамарија Момироска:

Н.С.Ј.