Празникот Богојавление – Водици е еден од најсветите денови за охриѓани. Тие живеат за овој ден кој се чека цела година. До 1990-те празникот се чествуваше во тајност, а оттогаш наваму величенствено со голем црковно-народен собир на градското пристаниште.
Ниту строгите закони во минатото не ги спречувале во чинот на осветување на водите. Постарите верници, церемонијата ја правеле рано наутро во три – четири часот. По верската церемонија крстот се положувалво голем казан, а тој што ќе го фател бил голем славеник, наградуван од целиот град. Иако крстот се фрлал со криење во црква, сепак се наоѓал некој од старите рибари што ќе го земел и со трчање ќе го фрлел во езеро.
И во минатото, како и сега, тајфата на фаќачот на крстот ги посетува домовите на охриѓани кои го даруваат со пари. Празникот Водици, во Охрид е најсвет ден. Во градот владее посебна атмосфера која не може да се опише само со зборови, туку треба да се доживее. Охрид на овој ден зрачи со духовност, што е и основата на чествувањето на празникот Богојавление – Водици. Во раните утрински часови се одржуваат богојавленски литургии во храмовите. По завршувањето литиите од црквите Св. Никола Геракомија, Каменско и Св. Ѓорѓија пристигнуваат на градското пристаниште каде се одржува големиот водосвет, по што чесниот крст се положува во студените езерски води. Богослужбите почнуваат во 7 часот, а осветувањето на Охридското Езеро е во 10 часот. По завршувањето ќе следи концерт на групата „Некст тајм“.
Крстот не може да се намести
Оние кои учествувале во скокањето по крстот се децидни дека фаќачот на крстот не може да се намести. Во фаќањето голема улога игра индивидуалната способност на капачите, желбата, вербата, но и подготвеноста да се нурне во ладната вода, бидејќи крстот кој се положува во Охрид е поразличен од другите места, има дрвце е и има бело марамче, веднаш пропаѓа но плута во вода а може да асе спушти и до дното, поради што мора да се нурне за да се види и извади.
Неискористен потенцијал
Масовното одбележување на празникот Богојавление – Водици во Охрид почна на почетокот од 90-те години од минатиот век на иницијатива на група патриоти и почитувачи на традицијата обединети во здружението Богојавление. Празникот покрај духовна, доби и културна димензија, а набрзо со добра промоција и туристичка димензија привлекувајќи голем број гости од земјава и странство. Се почнуваше уште во декември на празникот Пречиста кога се избираше кумот на Водици, а до празникот имаше бројни промотивни активности. Атмосферата кулминираше на Богојавление со голем црковно – народен собир и богата културна програма.
Оваа традиција беше прекината пред неколку години, а по откажувањето на здружението Богојавление, организацијата на настанот ја презедоа црквата и локалната самоуправа. Празнувањето на Водици во Охрид и натаму е величенствено, но впечаток е дека настанот има голем потенцијал да придонесе во развојот на таканаречениот верски туризам по примерите на многу такви места во регионот и пошироко, кој се уште не е доволно искористен.
На ова укажува и анкетата што за сопствени потребни изминатите десеттина дена ја спроведе Охридњуз. Мнозинството од испитаниците, односно 66% од нив сметаат дека Концептуално одбележување на Водици со креативна понуда, кумство и поголема промоција, ќе донесе повеќе гости во Охрид.
Ден по Водици, Свети Јован Крстител – Денот на рибарите
Богојавленските чествувања во Охрид продолжуваат на 20 јануари, на Свети Јован Крстител. Овој ден во Охрид е познат и како Ден на рибарите. На овој ден охриѓани повторно се капат во студените езерски води на плажата Сараиште. До пред неколку години имаше ио богата пропратна музичка и гастрономска понуда, се правеше рибна чорба во голем казан, а се фрлаа и буриња со вино. Всушност се потекнува од времето кога беше забрането фрлањето на крстот за Водици. Тогаш рибарите го префрлиле чествувањето следниот ден и го користеле тој момент да ги осветат езерските води и да се фрли крст.
Традиционалното капење на рибарите и годинава ќе се одржи на месноста „Сараиште“ а настанот ќе биде надополнет со повеќе културни и забавни содржини. Оваа година ќе биде послужена и храна која е карактеристична за трпезите на овој празник.
Следно анкетно прашање:
Дали во затворен воден систем како Охридското Езеро, со најголем број ендемски видови во светот, треба да се организираат Ф1 трки на вода?
Г.М.