Светски познатиот сопран и џез изведувач, Барбара Хендрикс (САД) вечерва настапува на фестивалот Охридско лето. Хендрикс ќе настапи на Античкиот театар во придружба на шведскиот квартет „Магнус Линдгрен.

Барбара Хендрикс е прва ѕвезда на годинашново Охридско лето. Таа е водечки светски сопран, питомец на реномираната Џулијард-школа, почесен доктор на повеќе европски и американски универзитети, член на Шведската музичка Академија, општествен деец познат по хуманитарните мисии, одликувана со ”Витез на Почесната Легија”.

Нејзините турнеи се простираат низ целиот свет, а триумфите ја следат како на оперските, така и на концертните подиуми. Повеќ е од една деценија Барбара Хендрикс настапува на водечките џез-фестивали заедно со Магнус Линдгрен Квартетот.

Магнус Линдгрен дипломира на Кралскиот музички колеџ во Стокхолм, а во 1997 г. го формира својот квартет, соработувајќи со врвни џез музичари. Ненадминлив изведувач на саксофон и флејта, тој е и талентиран композитор. Во 2001 г. е избран за шведски џез уметник на годината, а добитник е и на повеќе награди и признанија.

Концертот на Барбара Хендрикс на кој ќе бидат изведени дела од Били Холидеј, Гершвин и други започнува во 21ч.

Час и половина порано во галеријата на Центарот за култура Григор Прличев ќе биде отворена изложбата на Ѓурѓица Хорват, уметник од Хрватска.

Г.М.